Месец на македонските автори – платформата за аудио книги „Самоглас“ со нови изданија

По своето објавување во јавноста на почетокот од оваа година, тимот на „Самоглас“ – веб платформата за аудио книги на македонски јазик, во изминатите шест месеци напорно работи на продукција на нови содржини. Овој месец се одбележуваат јубилејни 75 години од усвојувањето на македонскиот правопис па поради ова, од „Самоглас“ месецот јуни го посветуваат на македонските автори и нивните дела.

Започнувајќи со „(С)Плетени раскази“ на Оливера Ќорвезироска и „13“ од Жарко Кујунџиски, до крајот на месецот на платформата ќе се најдат дела од Владимир Мартиновски и Горан Стефановски, соопштуваат од тимот.

Од „Самоглас“ велат дека за време на целиот период на рестриктивните мерки за движење, бројот на корисниците на платформата се зголемил за 23%.

„Ова за нас е јасен показател за интересот за и вредноста на „Самоглас“, особено во време кога нашите библиотеки се затворени за корисниците. Зголемување на бројот на читатели делумно е резултат на рестрикциите кои дозволуваa повеќе слободно време поминато во домашни услови. Аудио книгите, освен што се начин за корисно поминување на тоа слободно време имаат и огромен бенефит за менталното здравје“, вели Ангела Стојановска од „Самоглас“.

Младите актери кои стојат зад аудио платформата за време на вонредната состојба решија да најдат алтернативен начин во продукцијата на аудио содржини преземајќи ги потребните мерки за заштита. Тие ја започнаа кампањата #СамогласОдДома на која се приклучија нивни колеги, студенти, дипломирани актери, режисери и професори од Факултетот за драмски уметности – Скопје. Со нивната помош и несебично позајмување на своите гласови, а со користење на нивните мобилни телефони аудио библиотеката на „Самоглас“ се збогати со шест нови книги и над триесет нови гласови.

„Во блиска иднина планираме збогатување на функционалностите на „Самоглас“, во најголем дел фокусирани на player-от и сакаме да го оптимизираме сајтот за да понуди најголема ефикасност при користење од страна на слепите и лица со оштетен вид и лица со дислексија. Со малку среќа во изнаоѓање на финансии, до крајот на годината може да се очекува и мобилната апликација“, додава Стојановска.

Аудио библиотеката содржи над 20 изданија и е бесплатна. Таа е достапна на samoglas.mk, а новитетите може да се следат на  нивните официјални профили на социјалните мрежи Facebook и Инстаграм.

Радио МОФ разговараше со младите актери кои се дел од тимот уште од самиот почеток. Погледнете што велат тие: