Од услуги за пишување проекти до местени тендери – откриена злоупотреба на 2,2 милиони евра од „Еразмус+”

Случај на измама и корупција вредна 2,2 милиони евра од средствата на образовната програмата „Еразмус +“ на Европската Унија наменети за Република Северна Македонија, откри вчера Лидија Димова, директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

Станува збор за злоупотреба која како што посочи таа, била организирано спроведувана во периодот од 2016 до 2018 година, a опфаќала уште пет европски држави.

Според Димова, шемата почнувала така што неколку правни лица кои дејствувале како злосторничко здружение нуделе услуги за пишување на проекти. Тие им приоѓале на сите потенцијални корисници на програмата „Еразмус +“, почнувајќи од градинки, училишта, стручни установи, универзитети, па до невладини и младински организации.

По добивањето на проектите во Националната агенција, следувало местењето на јавните набавки, така што се вметнувале необјасниви и дискриминирачки услови во тендерската документација за да можат да бидат исклучиво тие кои ќе може да ги добијат проектите, соопшти Димова.

„На пример, од економскиот оператор се бара да има склучено договори со партнерските организации каде што ќе се оди на мобилност. Само да потсетам, овие ентитети кога ги добиле проектите, веќе имале договор со овие организации, така што единствено објаснување зошто ова се наоѓа како услов во тендерската документација е да се исфрли и одигра секоја друга конкуренција.

Натаму, организацијата го добива тендерот и тоа тендерот не под одреден износ туку целиот, онака како што го добива Националната агенција, така го префрла и кај злосторничкото здружение и тоа е флагрантно кршење на Еразмус проектите. И оттука, наместо средствата да служат за градење на капацитетите на корисниците на Еразмус програмата, тие одат директно во џебовите на злосторничкото здружение. Цело време се случува ужасна злоупотреба и кон пристапот на личните податоци, бидејќи тие имаат ограничен пристап до овие податоци, со други зборови тие се извршители на проектот во сенка“, појасни Димова.

Но, нивната истрага открила дека измамата ги надминала македонските граници и вклучувала 8 организации во 5 други држави.

„Се чини дека ако ги погледнете сите проекти во Македонија, сите одат на едни исти мобилности низ Европа“, нагласи таа, информирајќи дека случајот опфаќа уште многу други измами.

Димова се заблагодари за помошта која ја добиле при истрагата од националните агенции во Бугарија, Естонија, Италија, Шпанија и Португалија.

Случајот го пријавиле во Јавното обвинителство по основ на сомнеж на повеќе сторени кривични дела, но и во Комисијата за заштита на конкуренција и во Европската Комисија. Исто така, се подготвува и претставка за Дирекцијата за заштита на лични податоци, информира Димова.

Пирамидата во Еразмус – иновативните практики на поранешното раководство!

Posted by Национална агенција за европски образовни програми и мобилност on Monday, 8 June 2020

Емилија Петреска