СЗО ја промени позицијата, сега препорачуваат носење маски на јавни места

Светската здравствена организација (СЗО) ги прошири своите препораки за користење маски за време на пандемијата со коронавирусот и сега препорачуваат дека на места каде вирусот може да се шири меѓу луѓето треба да се носат маски кога социјалната дистанца не е возможна, како во јавен транспорт или продавници.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрехесус изјави дека луѓето над 60 години, или граѓани со хронични заболувања, треба да носат маски во сите ситуации каде не е можно да одржуваат физичка дистанцираност.

СЗО претходно препорачуваше маски да носат само здравствени работници, луѓе заболени од Ковид-19 и лица кои се грижат за заболените од вирусот.

Гебрехесус додаде и дека маските сами по себе нема да ги заштитат луѓето од Ковид-19 и потенцира дека е важно редовното миење раце, социјалната дистанца и другите стратегии за превенирање на заразата.

Во проширените препораки на СЗО се наведува и дека здравствените работници секогаш треба да носат маски во здравствените установи во местата каде вирусот се шири слободно. На пример докторите кои работат на кардиологија или други оддели треба да носат маски, дури и доколку во установите каде работат нема познати случаи на заболени со коронавирусот.

Според Мариа Ван Керков од СЗО, организацијата ги донела дополнителните препораки по новите истражувања кои ги спровеле. Една од главните причини за новите насоки на СЗО се растечките докази дека коронавирусот се шири меѓу луѓето пред тие да развијат било каков симптом.

Претходно СЗО сметаше дека пренесувањето меѓу луѓе кои немаат симптоми не е главен двигател на ширењето на вирусот.