„Вело училишта“: 40% од училиштата немаат услови и ресурси за велосипедски активности

Во над 50% од училишта темата велосипедизам е актуелна и привлечна како за учениците, така и за самите наставници и родители, но е потребно дополнително промовирање на самата тема. Предизвикот останува, бидејќи постојат и голем број на училишта, околу 40% кои се уште немаат соодветни услови и ресурси за спроведување на велосипедски активности и промовирање на велосипедизмот.

Ова го покажала евалуацијата 2 за учебната година 2019/2020, правена во склоп на проектот „Вело училишта“ на „Еко Логик“.

Податоците што се анализираат се од вкуно 50 евалуации од 33 училишта од 19 општини.

„Се радуваме на големиот интерес на учениците, наставниците, училиштата за темата велосипедизам и спроведување на велосипедски активности“, соопштуваат од „Еко Логик“.

Друг аспект е тоа што наставниците покажале расположение и се многу активни во спроведувањето на вело-активности. Односно,

„Меѓутоа, многумина од нив не присуствувале на работилници поврзани со темата велосипедизам“, потенцираат од организацијата.

Понатаму, дури 67% од сите наставници кои одговорите на евалуацијата се заинтересирани да водат официјална вело-секција, доколку се одржува надвор од редовната училишна програма.

„Но, сепак остануваат главните прашања за самата инфраструктура за соодветно и безбедно возење на велосипед околу училиштата! Дали локалните власти превземаат или најавуваат соодветно подобрување?“, прашуваат од организацијата.

Ова е проблематично бидејќи податоците покажуваат дека во 85% од општините нема користење на вело-патеки.

Инаку проектот ,,Вело Училишта“, креиран од организацијата ,,Еко Логик“, има за цел да го зголеми и унапреди знаењето за темите велосипедизам, одржлив транспорт и безбедност во сообраќајот кај децата, родителите, наставниците и пошироката јавност во Македонија.