Градските власти од Скопје од денес го објавуваат јавниот повик за доделување субвенции за велосипеди и електрични тротинети во 2020 година.
„Новитет оваа година е што граѓаните ќе можат да доставуваат фискални сметки за купен велосипед или електричен тротинет од 1 јуни. Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход, и 30% од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 7.000,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход“, соопштуваат од Град Скопје.
Повиците ќе биде отворени до 30 ноември, или до реализирање на средствата, а ќе се спроведуваат по принципот „прв дојден прв услужен“.
Едно лице може да поднесе само едно барање за добивање на субвенција за купување на еден велосипед, а истото важи и за субвенција за електричен тротинет.
Според условите, нарателот треба да е жител на Град Скопје од една од 10-те градски општини. Потоа, да нема искористено субвенција за купување на велосипед (важи за повикот за субвенции за велосипеди) или да нема искористено субвенција за купување на електричен тротинет (важи за повикот за субвенции за електрични тротинети) од Град Скопје. Исто така, новиот велосипед или електричен тротинет да е купен или го купи во земјава од 1 јуни се до исцрпувањето на буџетот наменет за Јавниот повик, но не подоцна од 30 ноември.
Повеќе околу барањето за субвенциите и документацијата – ТУКА.
Од Град Скопје дополнуваат дека од градскиот Буџетот за 2020 година за оваа намена се предвидени 10 милиони денари од кои 8,5 милиони денари за велосипеди, а 1,5 милион денари за електрични тротинети. Согласно предвидените финансиски средства, Град Скопје оваа година ќе додели субвенции за околу 2.800 велосипеди и околу 215 електрични тротинети.
„Градот Скопје континуирано работи на промоцијата на употребата на алтернативни превозни средства, чија предност, за разлика од автомобилите, е намалување на метежот во сообраќајот и загадувањето на животната средината. За 2018 и 2019 година, Град Скопје додели вкупно 7.255 субвенции за граѓаните што купија велосипед и вкупно 313 субвенции за граѓаните што купија електричен тротинет“, соопштуваат од Градот.