Денеска е Европски ден на парковите, кој се одбележува од 1999 година како иницијатива на Федерацијата на европски национални паркови, во спомен на прогласувањето на првите национални паркови во Европа, во Шведска. Бројни заштитени подрачја низ цела Европа, но и во регионот, го користат 24 мај како покана кон посетителите да се вратат во парковите.
Годинава фокусот е свртен кон врската помеѓу природата и здравјето на луѓето, па оттаму и слоганот „Здрави паркови, здрави луѓе“. Но, поради актуелната пандемија на Ковид-19, овој ден ќе се прославува онлајн, информираат од Федерацијата „Еуропарк“.
„Парковите и заштитените подрачја имаат важна мисија да ги поврзуваат луѓето со природата. Парковите не само што ги штитат нашите вредни природни ресурси – тие даваат позитивни здравствени исходи. Контактот со природата е од суштинско значење за здравјето на луѓето и во сè поурбанизираната Европа, ние мора да создадеме повеќе можности граѓаните да се поврзат и да ја истражуваат надворешноста … Позитивниот контакт со природата се докажа дека создава благосостојба и промовира активен животен стил“, велат од Федерацијата.
Со своја порака се огласија и од Светски фонд за природа, една од најголемите, глобално признати, независни организации вклучени во заштитата на природата и има активна глобална мрежа во повеќе од 100 земји.
„Парковите играат голема улога во во зачувувањето на здравјето на луѓето. Престојот во природа е неопходен за човекот ја обнови својата физичка и ментална енергија, а заради континуирано урбанизирање, од големо значење е да се создадат повеќе можности граѓаните да престојуваат во природа“, велат од Светски фонд за природа (ВВФ).