Холандија: Баба мора да избрише фотографии од своите внуци објавени на Фејсбук без дозвола

Холандски суд ѝ нареди на баба да ги избрише фотографиите на своите внуци на Фејсбук, откако таа ги објавила без дозвола од мајката на децата.

Таа била замолена од нејзината ќерка неколку пати да ги избрише фотографиите од Фејсбук и Пинтерест, но таа не одговорила на повиците – па семејниот спор заврши на суд.

Објавувањето на детските слики на социјалните медиуми, според мајката, „сериозно ја нарушува нивната приватност“, се наведува во пресудата на судот.

Судот во Гелдерленд се согласи дека бабата нема дозвола да ги објавува сликите според законодавството за Општа регулатива за заштита на податоците (GDPR). Овие правила нормално не се однесуваат на чување лични податоци во лични кругови, како што се семејството.

Меѓутоа, во овој случај, бабата ги објавила фотографиите во јавноста без согласност на мајката – која има правно овластување за кои податоци за нејзините малолетни деца може да се чуваат и споделуваат.

Понатаму, објавувајќи фотографии на социјалните мрежи, бабата ги ставила на располагање на пошироката публика, објаснува пресудата на судот, објавена на почетокот на овој месец.

Бабата мора да ги отстрани сликите на нејзините внуци од Фејсбук и Пинтерест во рок од десет дена, пресуди судијата. Доколку не го стори тоа, таа мора да плати казна од 50 евра на ден откако фотографиите се на интернет, со максимална казна од 1.000 евра.

Ќерката побарала да се изрече казна од 250 евра на ден, доколку останат фотографиите.

Општата регулатива за заштита на податоците (GDPR) е закон на Европската унија, кој стапи на сила во 2018 година.

Им дава на луѓето поголема контрола врз нивните лични податоци и ги принудува компаниите да осигураат дека начинот на собирање, обработка и чување на податоците е безбеден.

Извор: CNN