Македонски полициски синдикат бара мерки за заштита на полицајците и 20 отсто поголема плата за март и април

Црвениот аларм светна откако заразата се појави кај неколку припадници на Единицата за брзо прераспоредување кои по извршените тестови се позитивни на тестот за Ковид-19, реагираат од Македонскиот полициски синдикат.

Синдикатот го повикува министерот за внатрешни работи Наќе Чулев веднаш да превземе засилени мерки и активности за заштита на полициските службеници на терен што дирекно се изложени на опасност од зараза со коронавирусот.

„Преку службите за општи и заеднички работи до сите организациони единици во МВР коишто при вршењето на редовните работни задачи се во директен контакт со странки, редовно и навремено на колегите да им бидат доставени заштитни маски, гумени ракавици чие носење ќе биде задолжително и истите да бидат задолжувани при секое заминување на работа. Пред сите поголеми ОЕ на МВР да се постават пунктови за дезинфекција на службените возила. Да се врши вонредна дезинфекција на сите простории во кои престојуваат и работат колегите“, бараат од Синдикатот.

Од таму прашуваат дали полициските службеници ќе добијат исто така награда за нивниот вложен труд и рамо до рамо со медицинските лица.

„Дали и овој пат ќе дозволиме истите да бидат оставени на маргините? Од тие причини, на крајот уште еднаш го повикуваме Министерот, следејќи го примерот со најавеното покачување на платата на најизложените здравствени работници во борбата против Ковид-19 за 20 % за месеците март и април да ја покачи платата и на полициските службеници“, соопшти Синдикатот.