“По објавувањето на вознемирувачката вест за вчерашното убиство на млада жена во Скопје од страна на својот партнер, за неполни две недели во нашата држава бележиме 2 фемициди, што укажува на апсолутната и итната потреба за системска мобилизација на сите можни национални и локални ресурси и капацитети за превенција и борба против родово базираното насилство во сите негови облици“, велат од Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство во својата реакција.
Оттаму дополнуваат дека фемицидот е најекстремната форма на насилство врз жените и девојчињата и во најголем број случаи е последица на континуирано повеќегодишно семејно или интимно-партнерско насилство, што за жал, често е застапен и во порите на нашите семејни заедници и општествениот систем во целост.
„Ги повикуваме Министерство за Внатрешни работи, Основното Јавно Обвинителство и Министерство за труд и социјална политика за итно разрешување на случаите и покренување на соодветни постапки против сторителите. Постојано предупредуваме за зголемениот ризик од семејно насилство и интимно-партнерско насилство во услови на криза, и повторно апелираме за итно и приоритетно постапување во случаите на насилство врз жени и деца од надлежните институции. Очекуваме кривична пријава и гонење на сторителот согласно законите и Истанбулската Конвенција“, реагираат од Националната Мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.
Тие нагласуваат дека ќе ги следат случаите, постапувањето на институциите и преземените мерки, како и секој случај кој вклучува насилство врз девојки, жени или нивните деца.