10 прашања со режисерот Сергеј Ѓеоргиев и (из)вонредна проекција на „Јас не сум Игор“

На 10-ти мај (недела) 2020 година, во 19:00 часот, наместо да ја „бинџате“ истата серија по навика, може да ја следите првата (Из)вонредна проекција на „ZOOM“ и краткометражниот филм „Јас не сум Игор“ на режисерот Сергеј Ѓеоргиев.

Пријавувањето за учество е на ОВОЈ линк, а непосредно пред проекцијата, му поставивме и 10 изолациско-филмски прашања на режисерот.


1. Мислам дека животот ми го режирал…?

(По долго мислење) … Бернардо Бертолучи. Не дека ми е омилен, туку темите во неговите филмови се поклопуваат со моите интереси, а естетиката и ритамот со мојот стил на живеење.

2. Опиши се себеси со три збора?

Ова ќе звучи претенциозно за тие што не ме знаат. Слободно, (повремено) свесно битие.

3. Опиши ги своите филмови со три збора?

Симпатични почетнички обиди (се смее)

4. Додека истражуваш за нов филм, што најмногу читаш?

Зависи од темата на филмот. Секој проект си бара различна тема на истражување. Конкретно за филмот за кој ме поканивте, читав за нешто што се нарекува колективен идентитет и зошто на некои луѓе природно им доаѓа толку силно да се идентификуваат со одредена група. Во исто време одев на фудбалски натпревари и ги набљудував навивачите како се облекуваат, како се однесуваат, како зборуваат…

5. Ако треба да режираш филм за пандемијата, како би го насловил и во кој жанр би спаѓал филмот?

Ќе се вика Memento Mori. Познавајќи сe, би направил филм на темата за стравот од пандемијата, т.е. за стравот од смрт. Да не се разбереме погрешно, мислам дека треба да се преземат мерки да се спасат човечки животи и да се намали товарот на луѓето што работат во здравството. Но, од целата оваа ситуација мене ме фасцинира генералниот страв од смртта. Сметам дека имаме многу неријателски став за умирањето и непрафаќање на нашата конечност. Ние, луѓето, веќе немаме природен предатор што ќе ни го „регулира“ размножувањето, затоа е сосема во ред доколку одвреме-навреме се појави некоја пандемија или природна непогода која ќе го направи тоа. Тука нема ништо неприродно и страшно. Подобро да умираме од вируси отколку од војни и слични самодеструктивни нагони.

Луѓе се запрепастени кога ќе ја видат статистиката на заболени и починати од вирусот, мене лично повеќе ме запрепастува статистиката што го покажува зголемувањето на човечката популација во моментот додека го читате ова.

Жанровски, најверојатно ќе биде некоја фикција што се граничи со реалноста.

6. Топ три филма за гледање во изолација?

Неколкупати добивам слично прашање и многу тешко ми оди да препорачам филмови за во изолација. Ако е добар филмот, што е важно дали е за во изолација или не?

Еве три филма што ми направиле мерак во последно време.

• Capharnaüm (Либан 2018)
• On body and soul (Унгарија 2018)
• The Guilty (Данска 2018)

Совет за наоѓање добри филмови: Наместо да барате по Нетфликс или што било номинирано на Oскари, истражете кои филмови добиле награди на фестивали како: Sundance, Berlinale, Cannes, Tokyo FF, Venice FF, Karlovy Vary FF и сл.

7. Како си ги режираш деновите поминати дома за време на пандемијата?

Од сите совети што постојат онлајн за како да го поминеш времето дома, некако најпривлечен ми беше советот од човек што поминал долго време во самица. Неговиот совет беше да си направите многу конкретен распоред за секој саат во денот и дисциплинарано да си го почитувате.

Јас одвоив време за утринска медитација, вежбање, доручек со книга или некое видеопредавање, учење нови рецепти за готвење, учење нов јазик, јога и филм. Ќе лажам ако ви кажам дека го почитував овој распоред секој ден (се смее)

8. Омилено хоби?

Планинарење и медитација.

9. Песна што ми е саундтрак периодов…?

Gilberto Gil & Jorge Ben – Filhos de Gandhi

Фино ме расположува од сабајле, ми го движи телото без да можам да се спротивставам на ритамот, како Балу кога ќе влезе во кралството на мајмуните. 😁

Танцувајте, луѓе! Еве, не мора пред други, може и сами дома, без разлика дали ве бива или не.

*Сепак, не било нелегално да танцувате ако сте машко од Македонија.

10. Филм што ми го смени животот…?

• E.T. the Extra-Terrestrial

Се разбира, има многу филмови што ми го смениле животот на некој начин. Конкретно овој филм беше првиот што ми ја долови филмската магија кога бев дете. Моите не можеа да ме одвојат од телевизор, којзнае колку пати го имам гледно.