МакеДокс дел од нова меѓународна мрежа на фестивали на документарен филм

Четири филмски фестивали за документарни филмови ја формираа новата мрежа ФоксДоксНетворк, преку која ќе се обезбеди заедничка поддршка и промоција на исклучителните креативни документарни филмови, како и зголемување на нивната достапност кон што поголема публика.

Во мрежата се вклучија МакеДокс од Северна Македонија, ФИПАДОК од Франција, ДоксБарселона од Шпанија и ДОК.Фест од Германија.

„Нам ни е најважно тоа што документарците кои ги имаме во програмите на сите наши фестивали добиваат шанса да бидат видени. Четирите фестивали си ги здружуваат силите, експертизата и срцата за да осигураат далекусежна видливост на документарните филмови. Кризата која сега ја искусуваме ни дава прилика да си потврдиме дека заедничкото работење е незаменливо“, стои во заедничката изјава на ФестДоксНетворк.

ФестДоксНетворк е промовирана за време на фестивалот „ДОК.фест Минхен“, кој се одржува онлајн од 06 до 24 мај. За време на фестивалот „ДоксБарселона Фестивал Онлајн“, од 19 до 31 мај, ќе се објават дополнителни информации и повеќе детали околу партнерството.

Во иднина, четирите фестивали ќе се поддржуваат меѓусебно при селектирање филмови од нивните земји за фестивалските програми. Исто така, тие ќе организираат посети на клучни експерти од индустријата од секоја земја на фестивалите.

„Преку мрежата МакеДокс ќе овозможи претставување на локалната и регионалната документаристика на програмите на овие филмски фестивали, како и пристап за проектите од Балканот на филмските маркети на фестивалите членки на мрежата“, велат од МакеДокс.