„Недостапни институции и груб однос, системот не функционира за најранливите“ – реагираат преку 50 организации

52 граѓански организации преку соопштение остро реагираат на ненавременото и несоодветното постапување на институциите при решавањето на проблемите на ранливите и маргинализирани заедници во услови на криза.

Тие велат дека и по вториот месец од вонредната состојба, не само што нема одговор на нивните барања за дополнителни мерки за превенција туку, не функционираат ни веќе донесените превентивни мерки и редовниот систем на социјална заштита и реализација на социјални услуги. Според нив, на терен, во Центрите за социјална работа, вработените се недостапни или отсутни од работните места, а некаде дури и грубо ги разбркуваат луѓето кои им се обраќаат за она што им следува.

 

Во продолжение нивната реакција ви ја пренесуваме во целост:

„КОВИД-19 не одбира кого ќе зарази, не дискриминира, но последиците – здравствени, социјални и економски – не се исти за сите. Не се исти можностите за спроведување на превентивните мерки за заштита од зараза, одржување на хигиената, физичката оддалеченост и самоизолација доколку има потреба. Ранливите и маргинализирани групи граѓани немаат еднакви можности да се заштитат ниту да ги задоволат основните потреби за храна, лекови, хигиена и засолниште.

Од самиот почеток, по прогласувањето на вонредната состојба, граѓанските активисти први и засега единствени, излегоа на терен во ромските населби на територијата на целата земја. Тие немаа време за сопствените стравови од заразата, од првиот ден на кризата се на првата линија помагачи во постојана комуникација со граѓаните. Направија проценка на потребите за здравствена заштита, го следат остварувањето на редовните услуги за социјална заштита, секојдневно се обидуваат да ги протолкуваат новите, вонредни мерки, да го најдат патот како овие мерки ќе се реализираат во праксата.

Заврши април, вториот месец од вонредната состојба, и не само што нема одговор за дополнителни мерки за превенција туку, не функционираат ни веќе донесените превентивни мерки, ниту редовниот систем на социјална заштита и реализација на социјални услуги. На терен, во Центрите за социјална работа, вработените се недостапни или отсутни од работните места, а некаде дури и грубо ги разбркуваат луѓето кои им се обраќаат за она што им следува.

Барања, со многу конкретни и прецизни мерки кои е неопходно брзо да се применат за да се заштитат и помогнат ранливите групи граѓани, се испратени до сите надлежните институции во РСМ – од Премиерот, Владата, Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика, градоначалниците и до главниот и локалните кризни координативни
штабови.

Тие, или не одговорија или се изјаснија за ненадлежни, или на писмено, „изрецитираа“ што е напишано во законите и уредбите со законска сила. Линк до барањата и одговорите од институциите: https://bit.ly/2yul1Ov

Во меѓувреме, гледаме слики и соопштенија од Премиерот и други претставници од власта како промовираат добиени донации во храна, хигиена, заштитна опрема. Секако, добредојдена е секаква помош и поддршка, но сакаме да видиме што прави државата, со каква стратегија (доколку ја има) ќе го олесни овој период, но и како планира да го подобри понатамошното живеење на ранливите групи граѓани. Донесените мерки не се доволни ниту за справување со здравствената и социјална криза, ниту за претстојната економска криза каде што, мерки за овие групи граѓани, воопшто не се предвидени.

Почитувани пријатели од институциите, ве повикуваме – наместо продолжување на маргинализацијата и продлабочување на структурните разлики, да ја искористите кризата како можност за промена, можност за создавање на новата нормалност во која ќе креирате политики за надминување на структурните разлики кои се причината за нееднаквоста и сериозно ќе пристапите кон обмислување на мерки за реструктурирање на ресурсите и нивна правична распределба. За таа цел, граѓанските организации активни во оваа област имаат капацитети, знаења и искуство и во секое време се подготвени да земат активно учество во заедничко
креирање на новата реалност“, стои во реакцијата на 52 граѓански организации.