Се воведува е-Рецепт за хронично болните лица

Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) од утре, први мај, воведува пропишување и издавање на лекови без хартија, преку електронски рецепт (еРецепт) за хронична терапија за хронично болни лица.

„Практично, ова значи дека нема потреба хроничните болни да одат кај матичен лекар за да им биде препишан и издаден хартиен рецепт. Наместо да губат време за одење, чекање во ординации и враќање, корисниците на хроничната терапија ќе треба телефонски да исконтактираат со својот матичен лекар и да добијат информација дека им е искреиран електронскиот рецепт. Потоа одат директно во аптека и со документ за лична идентификација ќе можат да ги подигнат пропишаните лекови.  Предвидена е можност, друга личност да ја подигне терапијата во нивно име, доколку хроничните пациенти не можат лично да го сторат тоа“, потенцираат од ФЗОМ.

Освен тоа што ќе придонесе за поефикасна заштита на пациентите и медицинскиот персонал од актуелниот корона-вирус, електронскиот рецепт ќе продолжи да функционира и по завршувањето на пандемијата со ковид 19, додаваат од Фондот.

„Од први мај ќе функционира за хроничните пацинети, а забрзано и посветено работиме да профункционира за сите осигуреници и за сите дијагнози. Придобивките од новиот електронски рецепт се повеќекратни за сите осигуреници, матичните лекари, аптекарите како и за Фондот за здравствено осигурување. Хроничните болни добиваат лесен и ефикасен пристап до лекови и поефикасна здравствена заштита. Матичните лекари нема повеќе да изготвуваат хартиени рецепти туку нивниот софтверски креиран рецепт ќе биде достапен директно во аптеките. Се скратуваат трошоците и ресурсите за принтање и издавање на рецепти, а лекарите ќе имаат многу повеќе време за прегледи на пациентите без никаков дополнителен трошок“, потенцираат од ФЗОМ.

Од Фондот посочуваат дека на овој начин целиот процес за пропишување и издавање на лекови се рационализира, а додаваат и дека преку дигитализација на рецептите на хронично болните лица, Фондот за здравствено осигурување во реално време ќе ја следи валидноста преку овој систем и обемот на издадени рецепти и лекови. Истовремено стручните служби на Фондот ќе може брзо и ефикасно да интервенираат при евентуални индиции за недоследности или злоупотреби на системот.