Народниот правобранител отвори предмет за случаите за родители кои не можат да остварат средби со децата со кои не живеат. Оттаму посочуваат дека полицискиот час воведен поради пандемија на Ковид-19, ги зачести случаите во кои едниот родител ја злоупотребува настаната состојба, односно спречува лични односи и контакти со другиот родител, со образложение дека се дејствува превентивно врз можните опасности за здравјето на детето. Со ова, велат од Омбудсманот, сериозно се повредуваат правата на детето, и се постапува спротивно на најдобриот интерес на детето.
Нивната реакција доаѓа откако забележале бројни поплаки на родители по социјалните мрежи, како и при следење на состојбата со остварувањето на правата на децата сместени во Јавни установи, Прифатни центри, деца во вонинституционалните форми на згрижување, децата со попреченост, деца лишени од слобода, како и други групи деца во ризик.
„Притоа се стекна со сознание дека поради полицискиот час, односно ограниченото движење на граѓаните, вклучително и децата, оневозможено е остварувањето на правото на детето на непречени лични односи и контакти со родителот со кого не живее, а во одредени случаи пак, според родителите, средбите не се реализирани подолг временски период (со месеци), поради несоработка на родителот кај кого се доверени децата на чување, во кои случаи, моменталната состојба на прогласена пандемија се користи како причина за наводна заштита на детето, и недозволување на другиот родител да го види детето/цата и да остварува средби, однсосно, ограничување на контактите на детето со родителот со кого не живее“, стои во реакцијата.
Покрај ова, Народниот правобранител забележува дека некои родители биле приморани да се информираат за своите деца преку нивните матични лекари.
„Народниот правобранител, тргнувајќи од Конвенцијата за правата на детето потсетува дека државата има обврска да обезбеди посебна грижа за детето, особено во услови на вонредна состојба. Во тој контекст, ограничувањето на уживањето на одредени човекови права треба да биде сразмерно и да се сведе на минимум, при што треба да се обезбедат гаранции дека одговорите (мерките) на пандемијата, вклучително и ограничувањата и одлуките го отсликуваат принципот на најдобар интерес на детето“, се вели во реакцијата.
Оттаму бараат зголемена претпазливост и дополнителни мерки за заштита на правата и интересите на децата. Меѓудругото, препорачуваат со внимание да се анализираат ефектите на мерките и да се разгледаат здравствените, социјални, образовни, економски и рекреативни влијанија на пандемијата врз правата на детето.
Покрај ова, препорачуваат Министерството за труд и социјална политкка, надлежните Меѓуопштински центри за социјална работа, инспекциските служби, во соработка со другите министерства да преземат мерки со цел превенирање, заштита и спречување на какво било насилство и злоупотреба на децата во семејството, установите/институциите и други форми на вонинституционално згрижување.
„Во случаи кога родителите се попречени (оневозможени) во остварувањето на правото на видување со детето со кого не живеат, поради ограниченото движење, да се преземат мерки и да им се овозможи да ги земат децата и да ги вратат повторно кај родителот со кого детето живее, согласно утврденото во решението за видување од надлежен орган и почитувајќи ги протоколите за обезбедување на хигиенски и други стандарди“, препорачуваат од кабинетот на Народниот правобранител.
Министерството за образование и наука, пак, и другите надлежни органи во сферата на воспитанието и образованието на децата, континуирано да го следат начинот на учење преку интернет, со цел да се обезбедат гаранции за интеракцијата меѓу учениците и наставниците, смета Омбудсманот.
Во препораките се споменува и да се обезбедат средства за оние деца кои немаат услови да следат онлајн настава.
„За децата кои потекнуваат од сиромашни семејства, децата кои живеат во субстандардни услови, децата без елементарни услови за живот, да им се овозможи остварување на основните услуги, вклучително здравствена заштита, пристап до чиста вода за пиење и санитарни јазли, со цел одржување на потребната хигиена, која меѓу другото е задолжителна во вакви услови. За децата чие што раѓање не е запишано во матичната книга на родените услугите за регистрација на раѓањето да не се прекинат, напротив постапувањето да се интензивира, со оглед дека истото е предуслов за остварување на гарантираните права“, се вели во препораките.
Дополнително, Народниот правобранител бара да се преземат мерки за заштита на децата од дискриминација, како и мерки за заштита на децата чија ранливост дополнително е зголемена поради исклучителните околности предизивикани од вурусот.
„Во институциите каде децата се лишени од слобода, и во кои се донесени мерки за ограничување на посети и можности за контакти поради вонредната состојба и спречување на ширењето на вирусот, поради продолжената вонредна состојба да се преиспитаат мерките што забрануваат посети или пак, да се обезбедат други начини (алтернативни) за одржување на редовен контакт на децата со нивните семејства и блиски роднини, секако почитувајќи ги притоа протоколите за хигиена и одржувањето на други стандарди, имајќи го предвид фактот дека овие контакти се еден од значајните фактори за ресоцијализација и промена на однесувањето кај децата во судир со законот, односно децата во ризик“, препорачува Народниот правобранител.