Министерството за внатрешни работи (МВР) информираше дека против полициските службеници кои вчера приведоа момче што шетало куче пред дозволениот термин е иницирана постапка за утврдување на дисциплинска одговорност бидејќи немале заштитна опрема.
„Констатирано е дека при преземање на службените мерки и дејствија полициските службеници работните задачи ги извршувале спротивно на Упатството за начинот на однесување на работниците во МВР во услови на прогласена вонредна состојба предизвикана од појавата на коронавирус и препораки со цел спречување на ширење на коронавирусот без пропишаната заштитна опрема“, се вели во соопштението на МВР.
Од министерството информираат дека расчистен е и настанот кој се случи на 13 април во населбата Ченто, а оттаму додаваат дека во тек е и постапка согласно законските нормативи.
„До овој момент, освен трите лица кои првично беа приведени и за кои веднаш беше поднесена кривична пријава, дополнително по извршена оперативни активности идентификувани се уште 23 лица. Тие се повикани во полициска станица и со истите е извршен службен разговор, за што е изготвена соодветна документација. По целосно комплетирање на документацијата, изготвена е кривична пријава против 23 лица за сторено кривично дело предвидено и казниво по член 206 од КЗ и истата е доставена до Основното јавно обвинителство“, се додава во соопштението на МВР.
Покрај ова, оттаму информираат дека МВР и понатаму презема соодветни мерки и активности со цел идентификација и на останатите учесници, и додаваат дека по целосно завршување на постапката, ќе биде доставен и дополнителен поднесок до надлежното Основно јавно обвинителство.