Средношколскиот фестивал „Три дена култура“ ќе се одржи онлајн, од 21 до 23 април

Средношколскиот фестивал  „Три дена култура“ што веќе по трет пат го организира училишната организација „Арт Хаус Карев“ при СУГС „Никола Карев“ се префрла онлајн, со потполно нов концепт.

Фестивалот вклучува средношколски филмски мини-фестивал, театарски претстави, настапи на средношколски солисти и бендови и дигитална изложба.

„Со оглед на вонредната состојба, го размрдавме распоредот оваа година“, вели Леона Јариќ, член на Арт Хаус Карев.

Фестивалот се преместува за 21, 22 и 23 април и ќе се одвива преку двете социјални мрежи на Арт Хаус Карев (Фејсбук страницата и Инстаграм профилот).

На 21 април е најавено отворањето на фестивалот „во живо“ на Фејсбук и Инстаграм. Потоа, ќе се организира „Watch Party“ на Фејсбук со пријавените филмови, а на Инстаграм ќе се објават на IGTV. За крај на првиот ден, е најавено и интервју-изненадување.

Вториот ден ќе има интервјуа со луѓе кои се занимаваат со театар. Третиот ден е најавен концерт од неколку средношколски солисти и бендови кои треба да снимат кратко видео од 1 до 3 песни. Исто така, ќе има интервју со познат бенд и ќе бидат објавени сите видеа на сите музичари.

Дигиталната изложба ќе трае од почетокот до крајот на фестивалот, а уметничките дела ќе се објавуваат секој ден по 16 часот.

„Концептот го направивме на овој начин затоа што идејата ни е да не се откажуваме, да бидеме упорни. Надежно, секој гледач ќе се инспирира и нема да дозволи ситуацијата да го собори, туку да му даде дополнителен мотив за секој нов ден“, додава Леона.

Стефан Митиќ