Членовите на управните и на надзорните одбори по принцип на партиска лојалност имаат слаб капацитет суштински да придонесат во работата на јавното претпријатије. Тоа ги доведува јавните претпријатија во ситуација да не можат да ги искористат управните и надзорните одбори во насока на подобрување на своето работење и покрај тоа што за нивната работа се одвојуваат финансиски средства.
Ова е еден од заклучоците на Инстиутот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС), кој ја објави студијата „Кој ‘тоа’ таму управува?“, извештај за 2019 година за состојбата со управувањето со јавните претпријатија.
Автори на студијата се Миша Поповиќ и Марко Панковски, кои потенцираат дека еден од клучните начини за зголемување на квалитетот на квалификациите во управувачките структури е спроведување отворена и транспаретна процедура за избор.
„Сепак, праксата покажува дека членовите на управните и надзорните одбори се избираат во нетранспаретна процедура, без јавност во процесот и со силно партиско влијание“, се вели во документот.
Првичниот впечаток, велат истражувачите, е дека состојбата не е значително променета во споредба со претходната година.
„Анализата на доставените биографии покажува дека повторно половина од раководните структури немаат никакво или имаат искуство до пет години во областа на работата на претпријатието. Резултатите покажуваат дека кај новоназначените директори помеѓу двете мерења, 17% немаат искуство од областа на претпријатието, 8% имаат помеѓу една и три години искуство, а дополнителните 17% помеѓу четири и пет години. Наспроти нив, 58% од директорите имале искуство од шест или повеќе години, а една третина над 10 години искуство“, стои во документот.
Кај надзорните одбори состојбата е најлоша, каде што 62% имаат искуство до пет години. Речиси секој петти член на надзорен одбор, стои во студијата, воопшто нема искуство во областа на работата на претпријатието, а речиси една четвртина имаат помеѓу една и три години искуство.
„Кај дури 37% од членовите на управните одбори не се забележува искуство во областа на претпријатието, но истовремено, кај 54% постои искуство од барем шест години. Повторно, слично како и во 2018 година, најголемото искуство лежи во раководните структури со образовна заднина во науката и техниката“, се вели во студијата.
Понатаму, истражувачите потенцираат дека низ законското „сито“ повторно се протнале лица со недоволно образовни квалификации. 6% од директорите и 11% од надзорните одбори немаат високо образование (анализа на 302 лица).
„Дополнително, доколку се вкрсти функцијата во раководни структури и областа на образование, може да се забележи дека само 54% од членовите на надзорните одбори имаат студирано право или економија. Податоците покажуваат дека правото, економијата и другите општествени науки доминираат во управувачките структури. Се чини дека состојбата е најмногу балансирана кај директорите, каде што 42% од нив имаат образование во науката и техниката“, велат авторите.
Исто така, потенцираат дека управувањето е машка професија. Според податоците од новоименуваните членови на раководните структури, се увидува дека жените се значително помалку застапени.
„Така, во 2018 година, 29% од раководствата биле жени, а во 2019 година, тој процент изнесува 28%. Состојбата е најизразена кај директорите, каде што само шест проценти од нив се жени. Ваквата состојба повторно укажува на систематската дискриминација која резултира со тоа жените да немаат еднаков пристап до раководни позиции“, стои во документот.
Оттука, ИДСЦС нагласува дека во новиот состав на Собранието е важно да се усвојат предлози за подобрување на критериуми за избор на управни и надзорни одбори, како и на директорите на јавните претпријатија основани од единиците на локална самоуправа.
„Слично како со ЗВРС, потребно е пратениците да организираат јавна расправа и за предлог-измените на Законот за јавни претпријатија и по поширока дебата, овој закон да се подобри. Меѓутоа, по изборите (кога и да се случат) претстои вакуум период во кој постоечките закони се важечки. Анализата покажува дека старата пракса продолжува во некои делови од власта, паралелно со покажаната волја кај одредени институции да се подобри начинот на именување. Ова е контрадикторна состојба“, велат авторите на студијата.
Владата, како и други власти кои именуваат, дополнуваат тие, мораат да се води од принципите на јавноста, компетитивноста и компетенциите, а на именувањето треба да му претстои оглас и транспарентност во оценувањето на кандидатите.