(Из)вонредни предавања „Осознавање на светот преку податоци“

Младински образовен форум го најавува четвртото (Из)вонредно предавање насловено „Осознавање на светот преку податоци“. Предавањето ќе се одржи на 17 април (петок) во 18:00 часот на платформата за видео комуникација Zoom.

Предавањето ќе го одржи членот на МОФ, Ѓорѓи Димески. За време на своето предавање ќе одговори на следните прашања: Што значи факт? Кој заклучок е емпириски издржан? Што значи статистички значајно? Дали бројките можат да ни дадат целосна слика за што се случува околу нас?

„За време на предавањето ќе дискутираме за брзината со која светот се менува. Поради достапноста на податоци и нивно (не)истражување, често креираме митови за функционирањето на светот или пак феномените кои го обликуваат. Иако собирањето и обработката на податоци често вклучува покомплицирани методи, основите на разбирање на податоците всушност се наоѓаат во критичкото размислување, потпомогнато со базично разбирање на информациите што податоците ни ги кажуваат. Во ова предавање ќе ги обработиме основите за како да читаме податоци, графикони и показатели, притоа осознавајки како тие можат да допринесат кон нашето разбирање на општеството околу нас. Последните неколку декади, огромна бројка на податоци се собира секојдневно, но потребно е да знаеме како да ги читаме овие податоци за да ги разбереме „приказните” што сакаат да ни ги кажат. Во предавањето ќе обработиме неколку основни прашања од општествените науки, притоа наоѓајки го одговорот преку читање на табели и графикони. Главната цел е учесниците да научат како да читаат и споредуваат статистички податоци, притоа наоѓајки нумерички одговори на често поставувани прашања од различни полиња и дисциплини“, стои во најавата за овој настан.

За да го проследите предавањето треба да го пополнитe краткиот прашалник: https://forms.gle/QJoc5heha3Bx3tPV6

Доколку веќе сте регистрирани за (Из)вонредните предавања, кога ќе дојде терминот за предавање ќе ви испратиме е-маил со линк до предавањето.

Отворените предавања за млади се организираат во склоп на проектот Ангажирање на младите за студентски и младински политики, финансиран од Фондација Отворено општество-Македонија.