МОН: Секоја препорака од студентите е важна, се’ што е издржано да биде прифатено од високообразовните установи

Откако студентските претставници од УКИМ и УКЛО денес се спротиставија за онлајн полагање сметајќи дека може да има злоупотреби, одговор на прашањата на Радио МОФ за оваа проблематика стигна и од Министерството за образование и наука (МОН).

Од МОН не споменуваат конкретно за онлајн полагањето, туку велат дека согласно уредбите поврзани со Законите за основно, средно и високо образование, Владата ги задолжи сите образовни установи во овие сегменти да организираат задолжително далечинско учење, односно учење од дома во услови на вонредна состојба.

„Далечинското учење треба да биде организирано со користење на средства за електронска комуникација кои се практично применливи за сите учесници во процесот. Така што и високообразовните установи во соработка со студентите одлучуваат која форма на далечинско учење ќе ја организираат. Цениме дека секоја сугестија и препорака од страна на студентите е важна и вредна да биде слушната и сето тоа што е издржано да биде прифатено од страна на раководствата на високообразовните установи. Само така ќе биде организиран најдобриот и најефикасен начин на далечинско учење“, се вели во одговорот на МОН до Радио МОФ.

Инаку, студентите од УКИМ и УКЛО рекоа дека онлајн полагањето не нуди никаква гаранција за квалитетот и ќе придонесе кон деградација на студентското знаење, труд и диплома. Односно, велат тие, дополнително ќе се срози и онака разнишаното образование во државава. Сметаат дека онлајн полагањето може да биде злоупотребено од студентите, да се препишува, а професорите не можат да вршат контрола врз студентите.

Оттука, предлагаат универзитетите да не започнуваат со онлајн полагање, а доколку започнале, веднаш да го запрат, сè додека нема гаранции и соодветен механизам за ваква проверка на знаења.

Студентските претставници на УКИМ и УКЛО се против онлајн полагање, сметаат дека може да има злоупотреби