Министерство за животна средина: Се прават вонредни анализи на извори на аерозагадување

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) тврди дека внимателно ги следи емисиите на загадувачките супстанции во воздухот, кога на силе се низа мерки на Влада справување со вирусот КОВИД-19 и е ограничено движењето и работењето на најголем дел од институцииите и индустриските инсталации.

„Притоа, во моментов се прибираат и регистрираат сите податоци од аспект на активни деловни субјекти, активен транспорт, активни индустриски капацитети во различен временски период, односно ограничено движење и подолго престојување на граѓаните во своите домови, наспроти временските услови, со цел нивна анализа за определување на влијанието и уделите на клучните фактори за аерозагадувањето и понатамошно соодветно креирање на стратешките и планските документи, односно акциските мерки“, се вели во соопштението од МЖСПП.

МЖСПП добило податоци од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) за сите инсталации кои вршат дејност во овој период, а се под нивна надлежност, односно, велат тие „капацитетот со кој работат во период на намален број на ангажирани лица и часови на работа“.

Понатаму, од останатите министерства прибираат информации за дејностите кога има е ограничено движењето во ноќните часови, како и како и за проценката на бројот на возила на сообраќајниците. Податоците за временските услови се обезбедуваат од УХМР.

Тврдат дека со анализа на собраните информации ќе се добијат сознанија важни од аспект на креирањето на политиките во областа на животната средина, односно планирањето на мерки и активности за справување со аерозагадувањето. Анализите ќе бидат споделени на страницата на МЖСПП.

„Истовремено, МЖСПП укажува дека инспекциската контрола е клучна за детектирање и спречување на акутните покачувања на вредностите, поради евентуални недозволени активности и поради тоа веќе беше иницирано овозможување на непречената работа на инспекциските служби. Неопходно е да се овозможи на ДИЖС да ги спроведува контролите над индустриските капацитети кои поседуваат А-интегрирани дозволи, доколку тоа е потребно, и за време на полицискиот час на територијата на РМ, но неопходно е овластување и на локалните инспектори, кои се надлежни за контролата на капацитетите кои поседуваат Б-интегрирани дозволи, односно сите активности кои се во спротивност со Законот за јавна чистота. Дополнително, не смее да запре контролата на отворените огнови, а посебно палењето на стрништата, што е во надлежност на Државниот инспекторат за земјоделство“, соопштуваат од МЖСПП.