КОВИД-19: Комитетот за превенција од тортура бара мерки за лицата лишени од слобода

„Преземањето на сите возможни мерки за заштита на здравјето и безбедноста на сите лица лишени од слобода мора да биде основен принцип. Преземањето на овие мерки исто придонесува кон зачувување на здравјето и безбедноста на вработените во овие установи“.

Ова е едно од мислењата на Комитетот за превенција од тортура на Советот на Европа, кој потенцира дека мерките за заштита од вирусот не смеат да резултираат со нехуман и деградирачки третман кон лицата лишени од слобода.

Мислењето, објавено и од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија, се води од тоа дека паднемијата на зараза од коронавирусот (КОВИД-19) предизвика вонредни предизвици за владите во сите земји членки на Советот на Европа.

„Предизвиците на вработените кои работат во затворените институции  се специфични и интензивни, а тука спаѓаат полициските станици, казнено-поправните установи, прифатните центри за странци и мигранти, психијатриските болници и социјалните заводи, како и различните ново-воспоставени установи/зони каде што лица се сместени во карантин. Прифаќајќи го јасниот императив да се преземат сериозни мерки во борбата против КОВИД-19, Комитетот за превенција од тортура (КПТ) мора да ги потсети сите релевантни чинители на апсолутната забрана за тортура, нехуман и деградирачки третман“, се вели во соопштението на Хелсиншкиот комитет.

Според Комитетот за превенција од тортура, насоките на Свестската здравствена организација (СЗО) за заштита од пандемија, како и националните здравствени и клинички насоки кои се во согласност со меѓународните стандарди, мора да бидат испочитувани и целосно имплементирани во сите затворени институции.

Исто така, велат од таму, треба да се зголеми бројот на вработени во овие установи, а вработените треба да ја добијат целата професионална поддршка, заштита на нивното здравје и безбедност, како и обуки неопходни за да можат да продолжат во извршување на нивните задачи во затворените установи.

„Кои било рестриктивни мерки преземени во однос на лица лишени од слобода со цел спречување на вирусот КОВИД-19 треба да бидат законски основани, неопходни, пропорционални, треба да го почитуваат човековото достоинство и да бидат временски ограничени. Лицата лишени од слобода треба да добијат сеопфатни информации, на јазикот кој го разбираат, за сите овие мерки. Бидејќи блиските контакти поттикнуваат ширење на вирусот, сите надлежни органи треба да вложат концентрирани напори за применување на алтернативни мерки наместо лишување од слобода. Ваквиот пристап е императивен, особено во ситуации каде што постои пренатрупаност. Дотолку повеќе, властите би требало повеќе да ги употребуваат алтернативните мерки за притвор, преиначување на казните, предвремен отпуст од затвор или пробација, преиспитување на мерките за задолжително лекување во психјатриски установи, отпуст или пуштање на лицата сместени во социјални заводи, доколку тоа е прифатливо, како и воздржување, во најголема возможна мерка, од задржување/притворање на мигранти“, стои во мислењето на Комитетот.

Во однос на здравствената заштита, дополнува Комитетот, посебно внимание е потребно за специфичните потреби на лицата лишени од слобода, со посебен осврт на ранливите групи и/или ризичкните групи, како што се постарите лица и лицата со веќе постоечки здравствени проблеми.

„Ова опфаќа, меѓудругото, скрининг на постоење на вирусот КОВИД-19 и начини за пружање интензивна нега ако тоа е потребно. Понатаму, во вакви времиња, лицата лишени од слобода треба да добијат дополнителна психолошка поддршка од вработените“, потенцира Комитетот.

Исто така, го нагласуваат и  правото на одржување адекватна лична хигиена (вклучувајќи пристап до топла вода и сапун) и право на дневен пристап до свеж воздух (најмалку еден час).

„Понатаму, сите ограничувања на контакти со надворешниот свет, вклучувајќи посети, треба да бидат компензирани со зглемен пристап до алтернативни начини на комуникација (како што е телефон или комуникација по пат на интернет/ Voice-over-Internet-Protocol). Во случаи на изолација или каратин на лице лишено од слобода кое заболено или постои сомневање дека е заболено од САРС-КоВ-2 вирусот, на ова лице треба да му се овозможи суштински човечки контакт секој ден“, се вели меѓудругото во мислењето на Комитетот.