Јапонскиот премиер, Шинзо Абе, ќе предложи одложување на Олимписките игри во Токио за една година на средбата која ќе ја има со претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах.
Абе соопшти дека одлагањето на Олимпијадата за 2021 година е неминовно бидејќи игрите, кои требаше да се одржат оваа година, не можат да се организираат целосно поради пандемијата со коронавирусот. Премиерот остварил телефонски повик со Бах откако од ИОК информираа дека ќе донесат одлука во следните четири недели.
Само до пред неколку дена од Меѓународниот олимписки комитет, заедно со Комитетот за организирање на Олимпијадата во Токио, инсистираа дека не постојат планови за одлагање на игрите бидејќи до нив преостануваат уште четири месеци, но јапонскиот јавен сервис предмалку објави дека премиерот ќе бара едногодишно одлагање.
Судбината на Олимписките игри практично беше запечатена откако изминатава недела Канада и Австралија соопштија дека нема да испраќаат спортисти во Јапонија во јули, додека британските и француските влади побараа ИОК да донесе брза одлука.