Царовска: Субвенции за придонеси на вработените и бескаматни кредити за справување на бизнисот

Обезбедени се вкупно 5.7 милиони евра со кои ќе се кредитираат директно компании поради неликвидност, односно компании чија што економска активност е погодена од коронавирусот. Кредитите се дизајнирани со големо внимание, водејќи се од тоа да може да се поддржат што поголем број на компании. Секоја компанија, во зависност од бројот на вработени, ќе може да добие од 3 до 30 илјади евра, рече денеска на прес-конференција вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска, која ги соопшти економските мерки на Владата за справување со ситуацијата со коронавирусот.

Со оваа мерка, нагласи таа, микро компаниите, до 10 вработени, ќе може да подигнат кредит од 3 до 5 илјади евра.

Малите компании со 10 до 50 вработени, ќе може да подигнат кредит од 10 до 15 илјади евра и средните компании со 50 до 250 вработени, ќе може да подигнат кредит од 15 до 30 илјади евра.

„Она што е овде важно е дека овие кредити се бескаматни, со каматна стапка од 0 проценти, грејс периодот ќе биде 6 месеци, а рокот на отплата 2 години“, рече Царовска.

Втората мерка се однесува на поддршка за компаниите во делот на исплатата на плати со што, нагласи таа, Владата сака да ставиме јасно до знаење дека им е важно да помогнат да се зачува секое едно работно место.

„Затоа направивме напори да ја олесниме исплатата на плати во овој период на неизвесност и обезбедуваме Субвенционирање на придонеси за вработените во компании од секторите туризам, транспорт, угостителство и други погодени компании, за месеците април, мај и јуни од 2020 година, со субвенција на придонеди по вработен во висина до 50% од просечна плата исплатена во 2019 година“, продолжи Царовска.

Условите за користење на оваа мерка се компанијата да не го намали бројот на вработените под бројот на вработени во месец февруари од 2020та година, и ова да важи од денот на користење на мерката.

Исто така, компанијата да не исплати дивиденда во текот на 2020 година, до денот на поднесувањето на годишна сметка, односнофинансиски извештаи за 2020 година. Понатаму, компанијата да нема исплатено награда-бонус по влегување во сила на мерката.

„Само компаниите што имаат остварено добивка како финансиски резултат од работењето во 20220 ќе вратат субвенции за придонес вонизнос од 50% од добивката пред оданочување што значи дека мерката директно е насочена да им помогне на компаниите што оствариле послаби фин резултати во 2020 поради корона вирусот“, соопшти Царовска.

Во однос на работењето во фабриките и погоните каде работат голем број на работници, Владата препорачува да се реорганизира работата во смени, по потреба и во 4 смени, посебно во компании со поголем број на вработени.

Ова, според Царовска, ќе го намали бројот на вработени по смена и ќе овозможи тие да не бидат во близок контакт.

„Владата исто препорачува дезинфекција на фабриките и работните површини после секоја смена. Ова е од интерес и на вработените, и на компаниите и на јавното здравје. Понатаму, заради овозможување на непречен влез и транзит на товарни возила, Санитарен инспекторат преку Макамтранс ќе дава дозвола за влез со цел да има непрекината трговска размена. Овие товарни возила и лица ќе влезат во РСМ според посебни услови за заштита согласно протоколот на Министерството за здравство“, рече Царовска.

Според вицепремиерката за економски прашања, Владата е целосно мобилизирана за справување со економските последици од кризата кои, како што кажа, ќе бидат неизбежни.

„Затоа, навремено започнуваме да се организираме, подготвуваме и пред се да се обединуваме со стопанството во заедничка цел, а тоа е што поефикасно справување со негативните последици по нашата економија“, соопшти Царовска.