Шест нови случаи на коронавирус, се воведуваат дополнителни мерки

Од 12 новотестирани пациенти, шест се позитивни на коронавирусот, истакна на последната прес-конференција, Министерот за здравство, Венко Филипче.

„Еден од шесте случаи е пациентка која синоќа доцна стигнала со авионот на авио-компанијата „Визер“ од Барселона, свесна дека има покачена телесна температура. Во авионот патувала со заштитна маска и ракавица, целосно заштитена. Пациентката се јавила сама, а моментално е во изолација на Клиниката за инфективни болести. На сите останати 51 патници им е дадено решение за домашна самоизолација“, додаде Филипче.

Министерот за здравство соопшти дека во С. Македонија, моментално има осумнаесет случаи на коронавирус. Четворица пациенти од Дебар се сместени во Клиниката во Скопје, додека петте нови случаи од Дебар се третираат во локалната болница, изјави тој.

Филипче појасни дека се формира Главен координативен кризен штаб со кој ќе раководи претседателот на Владата, а во состав на сите технички министри, директорот на Центарот за управување со кризи и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување.

На последната прес конференција соопштено беше дека се воведуваат нови дополнителни мерки, а една од нив е затворањето на сите кафетерии, обложувалници, барови, клубови и казина.
Се затвораат и сите трговски центри (молови), освен маркетите и аптеките во склоп на овие објекти. Сите угостителски објекти и продавници може да функционираат со онлајн продажба и достава.

Се затвораат и сите копнени гранични премини во државата, освен премините Деве Баир, Ќафасан и Блаце кои остануваат отворени за премин.  За 48 часа ќе се затвори и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Отсега, се забранува и влез на патници од земјите со среден ризик, согласно листата на СЗО.