Грета Тунберг повика на „дигитални протести“ поради ситуацијата со коронавирусот

Климатската активистка Грета Тунберг вчера изјави дека поборниците за климата мора да ги избегнуваат големите собири поради ескалацијата на коронавирусот низ светот. Наместо тоа, на Твитер таа повика на „дигитални протести“, објави „Дојче веле“.

„Ние, младите луѓе сме најмалку погодени од овој вирус, но важно е да постапиме солидарно со најранливите и да дејствуваме во најдобар интерес на нашето заедничко општество“, напиша Тунберг на Твитер.

Во серија твитови, на соборците им порача да ги следат советите на експертите во обид за „израмнување на кривата“. Ова би значело да се намали стапката на инфекција со преземање контрамерки во раната фаза по избувнувањето.

Покрај повиците до нејзините следбеници да избегнуваат големи собири и да ги „слушаат локалните власти“, таа исто така вели дека движењето „Fridays For Future“ ќе започне со организирање на кампањи и протести преку интернет, се додека пандемијата не се стави под контрола.

Светската здравствена организација вчера прогласи пандемија на Ковид-19 коронавирусот откако се прошири низ целиот свет. Засега има над 118.000 случаи на заразени, во 114 земји низ целиот свет.