[Фото] Фатен нов рис на планината Бистра – се вика Лиса

Минатата недела, Македонското еколошко друштво (МЕД) заедно со Националниот парк „Маврово“ со помош на кафез-замка заловија нова единка балкански рис на планината Бистра, во близина на село Ростуше.

„Се работи за рисица на возраст 6–7 години, тешка 15 килограми. Единката е здрава и витална, а тоа го потврдува и првиот најден плен на терен – срна, само три дена по заловувањето“, информираат од МЕД.

Рисицата е крстена Лиса по желба на соработници од НП „Маврово“ и е третата женка означена со околувратник во досегашните мониторинг сесии на МЕД. Околувратникот ќе обезбеди нови информации за распространувањето и однесувањето на ова критично загрозено животно.

Во постапката за успивањето на животното и земањето биометриски податоци и примероци учествувале и претставник од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, биолог вработен во НП „Харц“, Германија како и вработени во Националниот Парк „Маврово“.

Досега со радиотелеметрија и GPS-лоцирање се заловени девет различни единки рис во рамки на истражувачките активности од Програмата за закрепнување на балканскиот рис кои МЕД систематски ги спроведува од 2010 година.

На Балканот се проценува  дека има уште 40 возрасни единки на балкански рис, којшто според Меѓународната унија за зачувување на природа (IUCN) е животно со критично загрозен статус.

Фото: Себастијан Кенеркнехт