Италија планира да ги затвори сите училишта и универзитети поради коронавирусот

Италијанската влада во следниве неколку часа треба да донесе одлука околу затворање на сите училишта и универзитети во целата земја до средината на март, со цел да се стави поголема контрола врз ширењето на Ковид-19 коронавирусот.

Италијанската новинска агенција АНСА пренесе дека ваква одлука веќе е донесена од кабинетот на премиерот Ѓузепе Конте и дека официјално ќе биде соопштена во текот на денов, додека министерката за образование Лусиа Азолина изјавила дека вакво решение уште не е донесено и дека владата ќе соопшти што е одлучено во следните неколку часа.

Италијанската влада пред десетина дена ги затвори сите училишта и универзитети во регионите од северна Италија, кои се најмногу зафатени од Ковид-19. Сепак, овие чекори не беа успешни во спречување на ширењето на вирусот, со преку 2,500 заразени луѓе во земјата.