„Пријавената смрт на дете меѓу скоро 50 лица кои се наоѓале во чамец што денеска се превртел во близина на грчкиот остров Лезбос е трагичен потсетник за ужасните патувања на кои тргнуваат најмладите бегалци и мигранти што бараат безбедност во Европа“.
Ова потсетување доаѓа од Афшан Кан, регионална директорка на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија и специјална координаторка за одговор на бегалците и мигрантите во Европа.
„Без оглед дали се на море, на граничните премини или во конфликтните подрачја, децата бегаат, децата се првите жртви. Во последниве недели, ескалацијата на насилството во провинцијата Идлиб доведе до раселување на над 575.000 деца. Од неколку илјади луѓе коишто сега се концентрирани во близина на Едрене и долж турско-грчката граница, се проценува дека 40 проценти се жени и деца. Државите мора да сторат сé што е во нивна моќ за да спречат натамошно страдање на најневините“, додава таа.
Од УНИЦЕФ велат дека заедно со партнерите се на терен одговарајќи на директните потреби на децата, помагајќи им со засолниште, вода, хигиенски средства, ќебиња и други непрехранбени производи. Исто така се работи и на исполнување на најитните потреби на оние кои се заробени на границата меѓу Турција и Бугарија, каде се пријавуваат инциденти на насилно потиснување.
„Децата и семејствата „откорнати“ од своите домови се свртени кон политичките лидери со надеж за заеднички решенија, финансиско-политичка поддршка на државите кои ги примаат оние што бараат помош и сериозни заложби за преселување на најранливите меѓу нив“ вели Афшан Кан.
„Сега е време сите засегнати земји да ги почитуваат своите меѓународни обврски за заштита на децата од насилство и повреди, без оглед кои се и од каде доаѓаат. Сега е време да се осигури безбеден пристап до азил и меѓународна заштита, наместо постапки и изјави што поттикнуваат ксенофобија и дискриминација.“