Аргентина е на пат да стане првата голема држава која ќе го легализира абортусот во Латинска Америка, социјално конзервативниот регион под големо влијание на римокатоличката црква, каде правото на прекин на бременоста е строго ограничено или потполно надвор од законот.
Претседателот на Аргентина Алберто Фернандес пред два дена најави дека Конгресот ќе испрати предлог за легализација на доброволниот абортус. Слична иницијатива беше одбиена пред две години по силното противење на католичката црква и конзервативците, наведува „Асошиејтед Прес (АП)“, а пренесува „Данас.рс“.
Десетина пратеници станаа да аплаудираат на оваа најава, истакнува „АП“, укажувајќи дека постоечкиот закон во Аргентина дозволува абортус само во случај на силување или кога е загрозен животот на мајката, но, и во тие околности многу од жените наидуваат на проблем.
Фернандес рече дека досегашниот закон за абортус е неефикасен и дека го критикувале многу жени кои биле осудени за нелегални абортуси, што го загрозува нивното здравје и животот. Тамошното Министерство за здравство во 2016 година проценило дека во Аргентина се извршуваат дури и до половина милион нелегални абортуси на годишно ниво.
Најавата на претседателот беше поздравена од поддржувачите за легализација на абортусот, кои „претрпеа“ голем пораз во август 2018 година кога тогашниот претседател Маурисио Макри не изрази поддршка за предлог законот, посочува „Индипендент“.
Тогаш, десетици илјади жени реагираа со протести за легализација на абортусот, носејќи зелени марами кои оттогаш станаа симбол на нивната кампања.
Предлог законот од 2018 година со кој абортусот би бил легален во првите 14 недели од бременоста беше изгласан со минимално мнозинство во долниот дом на Конгресот, но потоа беше отфрлен од Сенатот.
Дебатата за абортусот во Аргентина, сепак, според „Би-Би-Си“, продолжила претходниот месец кога 11-годишна жртва на силување роди дете со царски рез, откако било одбиено нејзиното барање за абортус поради прашање поврзано со идентитетот на нејзиниот старател.
Абортусот е нелегален низ најголемиот дел од Латинска Америка. Меѓу 21 држава во регионот, абортусот е легален само во Куба, Уругвај и Гвајана.