Телефонски повици од странство ги вознемирија граѓаните – АЕК најави дека ќе ги блокира

Поголем број граѓани утрово добиле телефонски повици од непознати броеви со странски префикси. Тие се пожалија дека откако ќе одговорат на ваквите повици, никој не возвраќа по што линијата се прекинува.

Од компанијата „Телеком“ велат дека најверојатно се работи за хакерски напад. Тие ја потврдија информацијата дека во текот на денот се регистрирани повици од непознати дестинации кон нивни корисници чија цел е да се генерира непотребен сообраќај.

„За да ги заштитиме корисниците од несакани трошоци, компанијата веднаш презеде безбедносни мерки, ги блокираше непознатите броеви и го оневозможи бирањето кон овие дестинации. Апелираме корисниците постојано да бидат претпазливи и да не одговараат на пропуштени повици од непознати броеви, со цел за да се избегнат злоупотреби и дополнителни непредвидени трошоци“, стои во апелот на Телеком.

Од Агенцијата за електронски комуникации појаснуваат дека станува збор за измами при која претплатникот добива краток повик кој прекинува пред да има можност претплатникот да одговори.

„Ако претплатникот го повика овој број најчесто добива одговор од гласовна машина и истиот се наплаќа по меѓународна тарифа. Ваквата измама во поинтензивна мерка е регистрирана од 06:30 часот утрово при што голем број на претплатници беа вознемирени со кратки повици од непознати броеви од странство. Најчесто повиците потекнуваа од Литванија, Естонија и сателитскиот операторот Глобал Стар. Операторите ги превземаа сите мерки за заштита на своите претплатници при што до 09:00 часот утрово блокирани беа најголем дел од броевите преку кои се остваруваше ваквата измама, но истото не значи дека ваква измама нема да се повтори од други броеви“, стои во соопштението на АЕК.

Од Агенцијата советуваат граѓаните да не одговараат на таквите повици што се регистрирани од корисници на двата мобилни оператора Македонски Телеком и А1.