[Галерија] 34 интимни моменти на Прага претставени во Скопје

„Постојат места каде времето е застанато а со него и приказните за луѓето кои живееле таму. Во тие места се заљубуваме, не маѓепсуваат и не цртаат како ликови во нивните приказни кои потоа ги раскажуваме. Прага интима е визуелна приказна за едно такво место. Личен, интимен портрет на еден од најубавите градови и магични места во светот, Прага“.

Ова е кратката импресија која фотографот Влатко Деков ја срочи за неговата изложба насловена „Прага интима“ која вчера беше претставена во Скопје во НЛБ Галеријата, заедно со истоимената фото-книгата. Посетителите имаа можност за момент да „почувствуваат“ 34 интимни моменти, преточени во црно-бела фотографија.

Издавачот Игор Анѓелков од издавачката куќа „Или-Или“, која стои зад фото-книгата, вели дека ова за нив е нетипично издание. Но, вели тој, кога Деков им ја претставил неговата визија преку фотографии, за еден од најубавите европски градови, соработката била неминовна.

„Кога посетувам некој европски град или подобро средноевропски град, како Прага, со сета своја патина и историја зад себе, имам два начина за поминување на квалитетно време во нив“, вели Анѓелков.

Првиот начин, вели дека е потребата да стане дел од него и за тие неколку денови да влезе во положение на навиките на мештаните. Вториот начин е осамувањето, за кое вели дека е потешко за реализација поради илјадниците туристи секојдневно во градот.

„Токму вториот начин е она што Влатко Деков се обидел и на крајот успешно го реализирал во своите фотографии. Без разлика кој дел од денот е, дали наутро кога изгрева сонцето, во текот на денот кога врие од луѓе или приквечер кога движењето добива поинаков ритам. И без разлика на годишното време, Деков со својот фото-апарат ги доловува токму оние моменти кои често се недофатливи, доколку не ги отворите ширум сите свои сетила“, објаснува Анѓелков.

„Тука се препознатливите точки на Прага, неизбежните Храдчани и Карловиот мост, но најчесто тоа се непознати улички и скриени скулптури кои се тука околу нас, тие постојат, но ви треба посебно чувство да ги откриете и да им дадете значење“, додава Анѓелков.

Деков го прави токму тоа, вели Анѓелков, но ги лови во моментите на нивната осаменост.

„Токму како што е и неговиот филм, па заеднички создаваат едно битие на фотографиите кои со својата тишина пулсира многу повеќе од живите луѓе кои поминуваат секојдневно крај него. Со тоа, авторот на оваа прекрасна изложба создава автентична поетика на својот визуелен израз, и не заробува во убавината на деталите на прекрасната Прага. Црно-белиот шарм на фотографиите, оној додатен шлаг врз целата концепција, бидејќи само во црно-белото можете да ги замислите и да ги видите сите бои на светот. А што претставува светот, доколку заборавиме на фантазијата…“, вели Анѓелков.

За Деков, Прага e „град кој има посебна душа“, а вели дека успеал, барем се надева, да го разбере духот на овој град.

„Бев упорен и постојано ја посетував Прага низ сите овие години, и со камерата како луд човек шетав од сабајле до навечер, веројатно и некогаш после полноќ. И затоа еден дел од ноќните фотографиите се фотографирани после полноќ, затоа што некогаш само тогаш можете да ги видите тие места, буквално сами и без луѓе“, објасни Деков.

На изложбата се обрати и заменик-амбасадорот на Република Чешка, Љубомир Пшенка кој вели дека во преголемата гужва во градот можат да се сретнат многу бизарни туристички атракции, но може да се најде и „Прага интима“.

„Ама, покрај се, како што покажуваат фотографиите, кој сака во Прага може секогаш да најде мир и убавина и да ја најде Прага интима“, рече Пшенка.

Проектот на кој Деков работел две години претходно беше изложен во повеќе градови низ државата, а во Скопје може да се проследи заклучно со 17 февруари во НЛБ Галеријата.

Мартин Колоски