„Не сме од Кина“ – Тајванци се шетаа со натписи низ Шибеник поради корона вирусот

Група туристи од Тајван прошетаа низ Шибеник, во Хрватска, носејќи натписи „Не сме од Кина“. Иако наликува на шега, причината за ова била масовната хистерија која се шири поради корона вирусот кој се прошири од Кина.

Нивниот туристички водич Ана Наниќ за „Морски.хр“ вели дека локалците ги избегнувале, децата им се смееле и ги фотографиле, а имало и случка каде жена ги покрила своите нос и уста додека поминувала покрај нив.

„Во суштина, сите се смееја, па на крај турата не беше важна. Но, и тие ме прашаа дали низ Хрватска ќе сретнат групи од Кина, бидејќи и тие се плашат. Штом излегоа од автобусот, жената на станицата која работи пред тоалетот ме праша дали тие се од Кина? Јас реков Тајван, а нивната придружничка разбра и им кажа, по што тие умреа од смеа и ме прашаа како се вели на Хрватски „Не сме од Кина“, раскажа Наниќ.

Вирусот беше откриен кој кон крајот на годината во кинескиот град Вухан. Досега усмрти над 100 лица, а поради вирусот 50-тина милиони луѓе се ставени во карантин.

Во Македонија, пак, состојбата е целосно под контрола, во овој момент нема ризик, соопшти денеска министерот за здравство, Венко Филипче.