Да се користи јавен превоз и помалку изложеност на отворено – Препораки за велешани поради зголемено загадување

Откако три дена по ред се забележуваат зголемени концентрации на ПМ 10 честичките во воздухот во Велес, градските власти излегоа со препораки до граѓаните. Мерните станици покажале зголемено загадување на 24, 25 и 26 јануари со што е надминат Прагот за информирање од 100 μg/m3.

Да се користи јавниот превоз, возила да не се користат без поголема потреба, повеќе лица да се возат со едно возило во исто време, како и да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и било каков синтетички материјал, се дел од препораките до граѓаните.

Наспроти ова, се советуваат правилно да се користат печките за дрва, да се користи суво не влажно огревно дрво и редовно да се чистат оџаците.

Дополнително, на граѓаните им се препорачува да избегнуваат преголема изложеност надвор, како и да се одложат активности на отворено.

„Доколку има надминување на Прагот на алармирање  во текот на два последователни дена над 175 μg/m3 ќе бидат превземени дополнителни вонредни мерки за што јавноста навремено ќе биде информирана“, велат од Општина Велес.