Краткиот филм „Налепница“ на Георги М. Унковски со премиерно издание на „Санденс“

Веќе трета година по ред, Македонија има претставник на независниот филмски фестивал „Санденс“.

Денеска, на самото отворање на 39 издание на фестивалот, премиерно ќе се прикаже краткиот филм „Налепница“ по сценарио и режија на Георги М. Унковски.

Филмот ќе се прикажува во официјалната селекција на фестивалот, во категоријата „Меѓународни кратки ирани филмови“. Покрај својата премиера, филмот ќе има уште три американски проекции на 24, 28 и 30 јануари во Парк Сити (Јута) и уште една проекција во Солт Лејк Сити на 25ти јануари.

19-минутниот филм „Налепница“ (Sticker) е селектиран меѓу 5.000 пријавени филмови, од кои само 74 се одбрани во официјалната програма.

„Налепница“ е црна комедија, во која главниот лик по неуспешниот обид да ја обнови својата сообраќајна дозвола, запаѓа во серија бирократски проблеми.

Главната улога во филмот ја толкува Сашко Коцев, а покрај него настапуваат и Мони Дамевски, Џевдет Јашари, Љупчо Тодоровски – Упа, Соња Стамболџиоска, Димитрија Доксевски, Калина Димитриовска, Анастасија Аневска и Матеј Настевски, пренесува македонската агенција за филм.