Над 90 проценти од младите во земјава, би донирале орган за трансплантација

Радио МОФ спроведе анкета меѓу младите до 30-годишна возраст, прашувајќи ги дали го одобруваат процесот на трансплантација на органи. Високи, над 90 проценти од испитаниците и би донирале – и би прифатиле дониран орган за пресадување.

Само 20% од органите на пациенти со мозочна смрт се даруваат за пресадување

Анкетата произлезе од разговорот кој Радио МОФ го направи со директорката на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) при универзитетската клиника „Мајка Тереза“ во Скопје, д-р Маја Мојсова, која ја претставуваше Македонија, а која, пак, беше меѓу избраните земји кои учествуваа на конференцијата за трансплантација на витални органи во Народна Република Кина, кон крајот на минатата година.

Особен акцент на конференцијата се даде на кадавер-трансплантацијата (н.з. од починат донор), односно од пациент со мозочна смрт како и спроведување на сите морални и етички норми за ова комплексно прашање. Д-р Мојсова вели дека како држава имаме низок процент на дарувани органи.

„Глобалното мислење е да се создаде добра стратегија за тоа на какви етички принципи ќе се базирапресадувањето,со спроведувањесоодветен систем за трансплантација што ќе има свој лидер и Национален координатор. Во нашата држава процентот на дарувани органи е релативно низок,  добиваме 20% од органите на пациенти со мозочна смрт, за разлика оддруги земји, како што е Шпанија, која добива до 50%. Потребно е спроведување на кампањи за зголемување на јавната свест за значењето на органодарителството. Трансплантацијата на орган понекогаш е единствен начин на лекување која одлучува за преживувањето на пациентот, како и за зголемување на квалитетот на животот. Процесот на напредок е спор и потребно е време да има значителни промени.” – рече д-р Мојсова.

Системот за пресадување бубрези од жив донор е доста успешен и функционира подолго време, за што Македонија е рангирана на високото деветто место на светско ниво. Се прават напори за напредок во срцевата трансплантација, за која како што вели Мојсова, оди малку потешко, поради емотивното врзување на роднините токму за срцето како орган.

Македонските законски прописи имаат строга регулатива за трансплантацијата на органи. Во нив се наведува детално како може и смее да се одвива целата процедура и за органодарителите и за тие на кои ќе им бидат донирани.

Па така, во членот 26, став 7 од Законот за земање и пресадување на делови на човечкото тело заради лекување, назначено е дека:

„Избор на дарител – умрено лице, врши овластена здравствена установа, во зависност од органот или ткивото што се дарува, преку физички преглед, преглед на медицинското досие и историјата на однесување на дарителот, резултатите од лабораториските испитувања и постхуман преглед.“

А додека, пак, во член 41, став 5 се истакнува дека:

„Потребниот простор, опремата и кадарот што треба да ги обезбеди здравствената установа, и начинот на постапување на здравствената установа при земање, пренесување, разменување и чување на органи и ткива од човечкото тело заради лекување ги утврдува Владата на Република Македонија на предлог на Министерството за здравство.“

 АНКЕТА: 96,6 проценти се согласуваат со процесот на трансплантација

Анкетата која ја спроведовме во текот на викендот покажа дека кај младите до 30 години, има висок одобрувачки процент за пресадување органи, односно 96,6%  од вкупно 61 испитаник на прашањето: „Дали се согласувате со процесот на трансплантација?” одговорија позитивно.

По однос на прифаќањето или одбивањето органи, кај истите испитаници во анкетата, постои за нијанса пониска стапка на позитивно изјаснување од 91,5 %  за да донираат некому орган за спас на животот, за разлика од одговорите дека би прифатиле туѓ орган за да си го спасат сопствениот живот, кои имаат исклучително висок процент од 96,6%.

Вида Апостолоска

*Текстот е направен во рамки на Новинарскиот клуб на Радио МОФ раководен од новинарот Огнен Јанески