[Вело-репортажа] НаТочак: Да престане уништувањето на велосипедската инфраструктура

Активистите од НаТочак направија фото репортажа од велосипедските патеки долж булеварот „Партизански одреди“ во Карпош 4 и Влае.

Овој потег, дел од Рута 3 од проектот „Скопје Велоград“, требаше да биде изведен во периодот 2016-2017, но, велат тие, не само што не ги задоволува основните услови да се нарече велосипедска патека, туку и во последните два месеци станува патека за одлагање на мешовита урбана инфраструктура.

„Освен фиксни контејнери прилепени до коловоз, почнаа да поставуваат и семафори, одвоени од коловоз, сред велосипедска патека. А во меѓувреме не ги направија заобиколувањата на автобуските постојки, не ги слејаа рабниците, не поставија хоризонтална и ветикална сигнализација, ни столпчиња во деловите каде се паркираат возила, не најдоа решенија за дупките во кои се собира вода поради неквалитетна изведба на асфалтот и ред други работи“, потенцираат вело-активистите.

Според НаТочак, овој потег е единствената безбедна врска која ги поврзува центарот и западниот дел од градот, но, вела тие, се повеќе личи на депо отколку на велосипедска патека.

„Бараме да се прекине со уништувањето на постоечката велосипедска инфраструктура и да се заврши она што веќе е почнато за да може да се проширува во деловите на градот каде недостасува“, реагираат вело-активистите.

Во продолжение, погледнете ја вело-репортажата со вклучена анализа, укажувања за просторот од НаТочак:

Порта Влае 1 – бехатонска подлога, пречка – контејнер, неслеано и необележано заобиколување, нема хоризонтална и вертикална сигнализација.

Порта Влае 2 – пречка – контејнер, необележано заобиколување со пречка – улично осветлување, бразди на патеката кои се полнат со вода.

Порта Влае 3 – пречка – контејнери, необележано заобиколување, крај на пешачката патека / почеток на див паркинг

Порта Влае 4 – пречка – семафор, непостоење на пешачка патека.

Порта Влае 5 – пречка – контејнер, необележано заобиколување со пречка – улично осветлување. Паркирани возила на пешачката патека и заобиколувањето на контејнерите.

Порта Влае 6 – пречка – семафор, непостоење на вертикална сигнализација

Порта Влае 7 – незаобиколена автобуска постојка и трафики.

Раскрсница бул. Партизански Одреди со ул. Ангел Динев југ – по промена на асфалт на коловоз оставени се рабови на рабниците (неслеани рабници). Поради постоење на надземен ПЕШАЧКИ премин Влајко, на кој нема рампа за велосипеди или инвалидски колички, избришан е преминот на источната страна на раскрсницата.

Влае југ 1 – пречка – мобилни контејнери на велосипедска патека, додека има простор десно, до тревникот.

Мост Обединети Нации југ – мешана велосипедско-пешачка патека, нерамна, распукана, редовно се прават големи дупки кои стојат отворени со месеци.

Карпош 4 југ 1 – нелегален приклучок од мост.

Карпош 4 југ 2 – работа на пешачка патека поради која пешаците се движат на велосипедската патека, а не е обезбедено заобиколување за велосипедистите на колвозот. Велосипедската патека се користи и од автомобили кои возат кон објектите на кејот на Вардар.

Раскрсница бул. Партизански Одреди со ул. Никола Парапунов југ – поставување на нерамни рабници по подземно копање и промена на асфалтот.

Карпош 4 југ 3 – незаобиколена автобуска постојка, недостасува хоризонстална сигнализација и столпчиња.

Карпош 4 југ 5 – поставување на семафор на велосипедска патека, необележан пешачки премин на велосипедска патека.

Карпош 4 пешачки премин – необележан велосипедски премин, неслеан рабник.

Карпош 4 север 1 – неслеан премин и со тоа вртењето на велосипедскиот премин е под небезбеден агол.

Карпош 4 север 1 – велосипедскиот премин удира во сообраќаен знак, неслеана шахта и нема вертикална сигнализација.

Карпош 4 север 2 – незаобиколена автобуска постојка и трафики, недостиг на столпчиња.

Мост Обединети Нации север 1 – пречки – столбови кои прават лавиринт за пешаци и велосиепдисти, дупки на велосипедската патека, бразди на коловозот од кои колите ги прскаат велосипедистите и пешаците.

Влае север 1 – единствениот потег без посериозни забелешки. Заобиколена автобуска, постои хоризонтална сигнализација. Недостасува вертикална сигнализација, бележење на пешачки премин на велосипедската патека меѓу автобуската постојка и пешачката патека, бразди во кои се собира вода, руинирана пешачка патека.

Раскрсница бул. Партизански Одреди со ул. Ангел Динев север – неслеани рабници, почнати но незадовршени пешачки острови (оставени без асфалт)

Влае север 1 – неслеани рабници, непостоење на пешачка патека

Влае север 2 – неслеани рабници (на велосипедската патека и кон пешачкиот премин на булеварот), непостоење на пешачка патека, недостиг на вертикална сигнализација, семафор на велосипедска патека

Влае север 3 – неслеани рабници (кон пешачкиот премин на булеварот), непостоење на пешачка патека. семафор на велосипедска патека

Пешачки премин х 2 – неслеани рабници (кон пешачкиот премин на булеварот), семафор на велосипедска патека

Влае север 4 – незавршено заобиколување на автобуска постојка, почнато заедно со поставувањето на новите контејнери.