Три дена по ставањето на аеродагадувањето како проблем за кој се дискутираше на Советот за безбедост, повеќе еко-организации и иницијативи реагираат дека требаат делување, а не само подигнување на јавната свест за проблемот.
„Главната идеја на претседателот Пендаровски при ставање на темата на загадување на животната средина на Советот за безбедност била кревање на јавната свест, при тоа потенцирајќи ја на советодавната улога на ова тело. На вториот дел од седницата посветен на единствена тема: справување со загадувањето, на наше изненадување, не беа донесени заклучоци кои ќе ги забрзаат позитивните трендови и дадат насоки на делување на оние тела во државата кои носат одлуки. Нашата главна идеја е поставување на загадувањето, деградацијата и уништувањето на животната средина, заедно со ефектот на климатските промени како закана и ризик по националната безбедност“, велат активистите.
Очекуваат во најбрз рок претседателот Пендаровски да свика седница на Советот за безбедност каде прашањево ќе се третира како закана и ризик по националната безбедност.
„Очекуваме да бидат повикани експерти кои најдобро го познаваат проблемот, а не политички претставници. Очекуваме експерти да ја презентираат сегашната алармантна состојба и системските слабости, на седницата да бидат изнесени информации за илегални активности во оваа област кои ги поседуваат службите, вклучително и информации кои ги поседува италијанскиот национален обвинител за борба против мафијата и тероризмот, Федерико Кафиеро Де Рахо. Да се предложи надминување на овој национален безбедносен проблем со ангажирање на сите потребни ресурси, и да се донесат заклучоци кои ќе дадат насоки на делување на државните органи кои носат одлуки и ќе ги забрзаат позитивните трендови за решавањето на проблемот со загадувањето и заштитата на животната средина. На овој начин очекуваме да се намалат жртвите од загадувањето во најкраток можен рок“, велат тие.
Инаку, на вториот дел од седницата на Советот за безбедност во понеделникот, 23 декември, покрај кратките излагања на тројцата граѓански претставници, Татјана Чакулев од О2 Иницијатива, Арианит Џафери од Еко Герила и Душко Груевски од Битола сака чист воздух, излагање имаше и заменик-министерот Јани Макрадули. До вклучувањето на граѓанскиот сектор на оваа тема, во рамки на Советот за безбедност дојде по упатеното отворено писмо до Претседателот Стево Пендаровски и по првичната, координативна средба со него на 14 ноември, информираат од Здружените граѓански организации и иницијативи каде делуваат десетина здруженија и иницијативи.