Викендов охриѓани ќе добијат лизгалиште на мраз

Жителите и посетителите на Охрид, од овој викенд па до 20 јануари, 2020 година ќе имаат можност да се лизгаат на мраз, на ново поставеното лизгалиште на мраз.

Лизгалиштето кое е лоцирано на улицата „Македонија“, во непосредна близина на Охридското Езеро, е „донесено“ преку Агенцијата за млади и спорт (АМС), а со него во овој период ќе стопанисува Јавното претпријатие „Билјанини Извори“.

„Во состав на ова лизгалиште ќе функционира и една мала сцена на која секојдневно, учениците од основните училишта во Охрид ќе подготвуваат забавна и културна програма. Лизгалиштето ќе функционира од 9 наутро, па се од вечерните часови, и цената на билетите ќе чини сто денари за час“, изјави портпаролот на Општина Охрид, Томе Џамтоски за Радио МОФ.

Претходно, Владата на 151-та седница, усвои информација за реализација на Проект за изнајмување на седум спортски лизгалишта. Со тоа, ја задолжи АМС да обезбеди средства за реализација на проектот во висина од 14.000.000 денари.

Со ваквата одлука, на општините Охрид, Битола, Куманово, Струмица, Центар, Гостивар и Тетово, им се препорача да изберат и предложат до АМС локација и да обезбедат одобрение за поставување на урбана опрема, најдоцна до 1 ноември 2019 година.

Во Охрид и претходно беше поставено лизгалиште на мраз, за време на дочекот на 2014 година.

М.К.