Раскинат договорот со рудникот „Иловица“ на седница на Влада

Владата на својата редовна 171 седница што се одржа во Куманово, донесе Одлука за едностран раскин на договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина – руди на бакар и злато на локалитетот „с. Иловица”, во општина Босилово.

„Со оваа одлука Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина – руди на бакар и злато на локалитетот ‘с. Иловица’, општина Босилово од 2014 година и Анекс на Договорот од 2015 година, еднострано се раскинуваат од страна на концедентот, бидејќи концесионерот нема поднесено барање со целокупна неопходна документација за издавање на дозвола за експлоатација на минерални суровини во рок од четири години по склучување на договорот за концесија за експлоатација на минерални суровини“, соопштуваат од владината прес-служба.

Со денот на влегувањето во сила, престанува да важи и Одлуката за доделување концесија за експлоатација на минерали на ФЕЛПС ДОЏ ВАРДАР ДООЕЛ на „Иловица” од 2012 година.

„Оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во ‘Службен весник на Република Северна Македонија’“, велат од Влада.

Владата ја разгледа и ја усвои Информацијата за престанок на користење на пластична амбалажа во органите на државната управа.

Со ова, ја задолжи Службата за општи работи и услуги при набавките за потребите на Претседателот, Владата, министерствата и органите во состав, секретаријатот и други стручни служби на Владата и Уставниот суд на Република Северна Македонија, да не набавува вода и други пијалаци во пластична амбалажа, како и пакувања на шеќер, пластични лажички за мешање на кафе и други пијалаци, пластични сламки, пластични чаши и прибор за еднократна употреба.

„При објавување на повик за јавни набавки да постават услов дека нема да ја склучи јавната набавка доколку производителот не докаже дека, најмалку за тековната година, ги спровел во целост обврските за проширена одговорност“, велат од Владата.

На оваа седница, исто така, владата го утврди Предлог-закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, за кој претходно реагираа еколошки организации.

„Со предлог законот се предвидува можност за утврдување на правен статус на бесправните објекти од значење за Републиката и од локално значење кои се предвидени со Законот за градење или друг закон, а кои претставуваат градежна и функционална целина заклучно со 1 октомври 2019 година. Предмет на овој закон се и бесправните објекти од јавен интерес утврден со закон чии иматели се државни органи или единици на локална самоуправа или правни субјекти основани од Република Северна Македонија односно од единиците на локална самоуправа, кои заклучно со 1 октомври 2019 година се градежна целина, а не и функционална целина“, соопштуваат од Влада.

Предлог законот не ги опфаќа сите видови на бесправни објекти изградени во границите на Охридскиот регион во кој се наоѓа природното и културното наследство запишано во Списокот на Конвенцијата на УНЕСКО, во границите утврдени со Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, како и станбените згради, доградбите и надградбите.

На предлог на Министерство за животна средина, на оваа седница е разгледана и усвоена Информацијата за обезбедување средства за пристапен пат до претоварната станица во општина Ранковце. Препорачано е Јавното претпријатие за државни патишта да направи проценка за изработка на проектна документација и за изградба на патот најдоцна до 16 декември.

„Патот е дел од проектот за воспоставување на самоодржлив систем за интегрирано управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион, чија вредност изнесува околу 40.000.000 евра. За реализација на овој целокупен проект, со кој трајно ќе се реши управувањето со отпадот за Северно-источниот и Источниот регион, неопходно е да се исполнат одредени обврски од страна на општините и јавните комунални претпријатија од двата региона“, соопштуваат од Владата.