Партијата на „Зелените“ во Германија поднесе барање за воведување на т.н. климатски пасоши, кои би им овозможиле на луѓето кои бегаат од последиците на климатските промени да се населат во било кој дел од светот, пренесува агенцијата „Танјуг“.
„Зелените“ предупредуваат дека поради климатските промени цели државни територии можат да исчезнат, а како пример ги наведуваат островските држави на Пацификот.
„Неопходна е помош на луѓето чија егзистенција е загрозена поради климатските промени и да се гарантира нивното право на заштита“, се наведува во барањето и се додава дека тоа посебно важи за државите со историски, или актуелни високи нивоа на емисии на штетни гасови.
Потпретседателката на германскиот Бундестаг, Клаудија Рот, рече дека една опција е на тие лица да им се даде државјанство.
Научниот совет на германската влада проценува дека не постојат одговори на прогнозите дека до 2050 година, околу 25 милиони до една милијарда луѓе би можеле присилно да ги напуштат своите држави поради последиците од климатските промени.