„Омнибустопија“ – автобуска тура за култура низ Скопје

На 18 декември (среда) ќе се одржи уникатен и несекојдневен настан во Скопје. Од 20 часот, мобилниот културен центар на тркала (автобус на ЈСП) ќе започне мултиуметничко патување низ Скопје наречено „Омнибустопија“.

Организатор е „Аксиома“ – Асоцијација за културна соработка и истражување, од каде велат дека велат дека зборно место ќе биде автобуската постојка „Фонтана“ во Градскиот парк во Скопје, 15 минути пред 20 часот. Таму присутните ќе ги чека изнајмен ЛАЗ (украински) автобус на ЈСП.

„Потоа сите заедно ќе влеземе во него и нашето уникатно културно патување ќе започне. Трасата ќе биде низ следниве населби: Градски парк, Карпош 1-4, Влае, Ѓорче Петров, Тафталиџе, Козле, Кисела вода, Аеродром, Чаир и повторно назад, пред Градски парк“, соопштуваат од „Аксиома“.

Штом автобусот тргне, предавање ќе има Вангел Ноневски (со времетраење од 30-40 минути), на тема „Скопје 2014: урнисување на културата на средбата во скопскиот јавен простор“.

„Потоа, ќе следуваат прашања и кратка дискусија со патниците во нашиот мобилен културен центар. Веднаш потоа, на подвижната сцена стапуваат Ана Голејшка Џикова и Ѓоко Здравески од ‘Астални Проекции’ кои, заедно со нивната мрежа на поетеси/поети, ќе имаат настап, сличен на оние кои своевремено ги организираа во ‘Менада’ и кои беа особено популарни. Нивниот настап ќе трае до околу 22 часот, кога предвидуваме дека ќе заврши и големиот круг со автобусот околу Скопје. Штом автобусот повторно ќе се стабилизира пред ‘Фонтана’, нашиот настан ќе го затвориме на најдобриот можен начин: едночасовен концерт во автобусот ќе одржи еден од најквалитетните џез состави во Македонија –  ‘Светлост’, во состав Нинослав Спировски (саксофони), Дени Омерагиќ (контрабас) и Кристијан Новковски (тапани)“, соопштува „Аксиома“.

Според организацијата, „Омнибустопија“ има за цел да ја придвижи културата од центарот кон периферијата на Скопје и да ги помести границите на постојните културни и уметнички случувања во градот, надвор од фиксните, востановени места наменети за слични настани.

„Исто така, настанот има цел да создаде можност и пристап до културата за публиката од периферните делови на градот и да понуди инспирација за слични културни случувања во иднина“, велат од „Аксиома“.

Настанот е поддржан од Град Скопје, во рамките на нивниот јавен повик „Од центарот кон периферијата: културата како алатка за социјален развој“, со помош на Радмила Кирковска и ЈСП „Скопје“. Организатори се „Аксиома“: Владимир Лукаш, Јордан Шишовски и Вангел Ноневски.

„Со оглед на големината и капацитетот на автобусот, а имајќи предвид дека настанот е бесплатен, бројот на посетители е ограничен на 70, така што, за жал, треба да имате предвид дека предност за влез ќе имаат оние кои на време ќе пристигнат на зборното место“, соопштуваат од Асоцијацијата.