Грција со повисоки плати сака да го спречи одливот на мозоци  

Грција почнува пилот-проект со кој ќе се обидат да ги спречат и свртат ефектите на одливот на мозоци, објави Тајмс.

Според податоците на грчката централна банка, 420.000 високообразовани, млади Грци ја напуштиле својата земја во последните десет години поради тешката финансиска криза и побарале работа во други делови на светот.

Затоа во рамки на новата програма „Ребрендирање на Грција“, властите сакаат да наговорат барем 500 висококвалификувани Грци меѓу 28 и 40 години, кои во моментов работат во странство, да се вратат во татковината, а им нудат добри позиции и минимална месечна плата од 3.000 евра (просечната минатогодишна плата во Грција беше околу 1.100 евра).

Бидејќи Грција бележи голем дефицит на квалификувана работна сила, особено во ИТ секторот, акцентот ќе биде на луѓе со дипломи од таа област.

Во првата година од вработувањето, на повратникот две третини од платата ќе му ги покрива државата, со кофинансирање од фондовите на ЕУ, а преостанатата третина работодавецот. Компаниите кои сакаат да учествуваат во програмата ќе се обврзат да го задржат вработениот на работа, покрај првата субвенционирана година, уште барем една година со иста плата која ќе ја покрива во целост.

Грчките власти очекуваат голем број локални фирми во следните недели и месеци да изразат интерес за вработување талентирани економски емигранти.