Комисијата за заразни болести при Министерство за здравство констатираше дека се исполнети епидемиолошките услови за одјава на епидемијата на мали сипаници на територијата на цела држава, со што престануваат да важат дополнителните мерки за контрола на епидемијата, предложени од комисијата.
Како што соопштуваат од Министерството, овој заклучок е донесен откако поминале 45 дена од последниот пријавен лабораториски случај на мали сипаници, или два максимални инкубациски периода од последниот потврден случај.
Во тек е известување на сите јавни и приватни здравствени установи во државата за одјавување на епидемијата со морбили на ниво на цела држава.
Комисијата препорачува во континуитет да се одржува висок опфат со МРП вакцина (над 95 проценти), со цел да се превенираат идни епидемии.
Инаку, вкупниот број регистрирани случаи со морбили во Северна Македонија, од декември 2018 година до крајот на минатата недела изнесувал 1.901 случаи со стапка на заболување од 91,9 на 100.000 жители. Според вакциналниот статус, вкупно 1.530 или 80,5 проценти од заболените деца биле невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус, соопштија од Министерството.
Оттаму напоменуваат дека со оглед на фактот што болеста се регистрира во целиот европски регион, можна е појава на поединечни импортирани случаи и ограничено ширење на болеста кај невакцинирани лица, но дека епидемиска појава од поголем обем во наредниот период не е веројатна.