Кина со најмногу затворени новинари во 2019 година

Кина ја надмина Турција и стана држава со најмногу затворени новинари во светот годинава, според организација за мониторинг на слобода на медиуми, пишува „Блумберг“.

Најмалку 48 новинари биле затворени во Кина, еден повеќе отколку во 2018 година, се вели во извештајот на Комитетот за заштита на новинарите.

Портпаролката на тамошното Министерство за надворешни работи, Хуа Чунинг, на прес-конференција во средата изјави дека не може да го потврди бројот на притворени новинари, но рече дека „никој не е над законот“, без разлика дали тоа се новинари или државни службеници.

Турција со 47 затворени новинари се најде на второто место на листата направена од групата. Протестите на Блискиот Исток, исто така, доведоа до пораст на бројот на затворени новинари во тој регион, особено во Саудиска Арабија и Египет.

Од Комитетот за заштита на новинарите велат дека 98% од затворените новинари во светот се „локални жители кои известуваат во својата држава“, и дека известувањето за политика, човекови права и корупција е најверојатно да ги втурне новинарите во неволја.

Најмалку 250 новинари годинава низ целиот свет биле затворени поради нивната работа, што претставува малку помал број од минатата година, кога беа затворени 255 новинари, според годишното глобално истражување на комитетот.

По Кина, Турција, Саудиска Арабија и Египет, најголеми „затвореници“ на новинари се Еритреја, Виетнам и Иран.