Селфи, самослик или јазична дембелана: Кој се грижи за зборообразувањето на македонски јазик?

Ретвитна, бранч, афтерворк, селфи, мим… Ова се само дел од многуте неологизми кои се употребуваат во секојдневниот македонски говор. Додека од една страна се зборува за „бетонирање“ на македонскиот јазик и идентитет, тинејџерите меѓусебно зборуваат на англиски во неофицијалниот говор, употребувајќи интернет-кованици за новите појави во нивното секојдневие.

Дали македонскиот јазик цупка во место во сферата на зборообразување? Како лекторите и тинејџерите ги користат неологизмите? Кој е процесот за воведување нови зборови во македонскиот речник? Одговори и свои ставови на овие прашања за Радио МОФ дадоа универзитетската професорка Славица Велева, основачот на дигиталниот речник на македонски јазик, Шинаси Деребеј, лекторот Кристина Велевска и влогерот Winncoot. Од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, една од најодговорните институции за развојот и одржливоста на македонскиот јазик останаа неми на нашите прашања.

Селфи, самослик, суетка или јазична дембелана?

За Славица Велева, професорка по зборообразување во современиот македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, проблематична е брзината со која се изработува еден речник, во смисла на институционално работење.

“Кај нас го имаме она што го имаме, не можеме да се пофалиме со нешто многу, но покрај првиот речник од шеесеттите години имаме два современи речници, еден речник од Институтот за македонски јазик (толковникот) и толковниот речник на Зозе Мургоски. Кај овие речници е задржана потрадиционалната лексика, во речникот на Институтот постои вметнување на нови зборови, но има оставено и постари зборови. Кај нас сериозниот проблем е и самата културолошка подлога која е подлога на заемање на зборови отколку создавање на зборови. Мислам, тоа е тој проблем. Блаже Конески има термин, „јазична дембелана“ кој кажува дека ние повеќе сакаме да земеме, отколку да создадеме и да наметнеме“ – објаснува Велева.

„Ако преживеат и ако се наметнат, зборовите се вметнуваат во речници, но не се следат доволно брзо. Збор кој преживеа и се вметна во македонскиот речник е небиднина. „Самослик“, како збор, не е прифатен зошто во зборообразовниот систем не е функционален. Тоа е доброто кај нашиот јазик – пуштате еден збор да заживее. Во самото заживување понекогаш се чувствува отпор од традиционалниот дух и заради тоа не влегува. Со професорот Фридман зборувавме за самослик и дојдовме до еден наш термин – „суетка“, изведенка од суета и фотка“, додава професорката.

Во време кога нови зборови „никнуваат“ на сите страни и многу бргу навлегуваат во јазикот, не може да се очекува било кој правопис или речник да го следи тоа темпо, смета Кристина Велевска, лекторка во Издавачката куќа „Антолог“.

„Сепак, неопходен е некаков начин на нормирање, односно решавање на некои јазични прашања, зашто факт е дека голем дел од овие зборови не се баш толку краткотрајни, туку, напротив, остануваат во живиот јазик долго време и стануваат веќе општи поими. Лично, повеќе сум за прифаќање, заемање на ваквите зборови и нивно приспособување во нашиот јазик бидејќи знаеме колку неуспешно поминаа некои обиди како преведувањето на „селфи“ со „самослик“ и слично“, објаснува таа.

„Бидејќи работам во издавачка куќа и лекторирам пред сè уметничколитературни текстови, јас најчесто се одлучувам за транскрибирање на зборовите како „селфи“, „бранч“ и „афтерворк“ затоа што мислам дека македонските преводни решенија не функционираат од причина што овие зборови се толку навлезени и толку често се употребуваат што со преводот целосно се губат нивната смисла и оригинално значење. Мојот став е дека треба да постои поголема отвореност за прифаќање на неологизмите во македонскиот стандард, иако, секако, притоа треба да се постават некакви граници што не треба да се преминат“ – се надоврзува Велевска.

Бдц, мсм дека премн е тешко да се долови вајбот на македонски јазик

Додека развојот на македонскиот јазик е делумно спречен поради бирократија и недостиг на финансии, секојдневниот говор меѓу помладите генерации се одвива на англиски. Влогерот Емил Иванов, познат како Winncoot за Радио МОФ вели дека во секојдневието со неговите другари многу често зборува на англиски.

„На нас ни е сосема нормално и така се разбираме. Јазичните трендови во светот се, нормално, на англиски. Секако не можеме да ги кажеме или преведеме на македонски. Едноставно звучат многу покул како што се оригинални. Сме пробале и македонски да разговараме, но најчесто не можеме да го најдеме вистинскиот збор, или да го доловиме „вајбот“ на зборот. Доколку зборовите се преведат на македонски, тие звучат смешно и чудно. Така што, кратко кажано, мислам дека ќе си продолжиме да го користиме англискиот јазик, поточно англиските сленгови“ – вели Иванов.

„Лично, ги користам сите неологизми, но според мое мислење зборот „selfie“ е доста користен што дури веќе не е шема, ниту е интересен. Слободно може да се каже дека е „out of date”. Најчесто користен неологизам ми е ‘мим’ (meme). Го користам тој збор секој ден и исто така правам и го следам трендот на мимсот евридеј“ – додаде тој.

Од друга страна пак, интернет кратенките, кои многу често се употребуваат при онлајн комуникација, развиваат и македонски варијанти. Winncoot со нас сподели неколку од нив и тоа шп – што правиш, ксм – како си ми, бдц – бог да чува, нзм – не ме замарај, нп – нема проблем, мсм- мислам, нбт – небитно, премн – премногу.

Сепак, за професорката Велева, оваа појава воопшто не е проблематична.

„Јазичниот израз на младите, жаргон или сленг, е социолошко раслојување на јазикот. Секоја генерација сака да е различна и си го креира својот јазичен стил. Во овој случај тоа е нивна креативност, нивен начин на изразување. Сè ќе биде во ред сè додека тој начин на изразување се држи во своите рамки. Кога тоа изразување излегува од рамките и почнува да се употребува во една општа ситуација имаме проблем, затоа што тој се наметнува како општо комуникациско средство. Сè додека се држи во рамките на една заедница, една социјална група, тоа не е проблем, тоа е одредена јазична одлика и разновидност на живиот јазик кој си има различни пројавувања. Жаргонот и сленгот се елементи на жив јазик. Ние не можеме да наметнеме еден литературен стил и да го бараме тоа од сите. Во тој случај би било вештачки јазик. На тој начин би го стерилизирале јазикот“ – образложува таа.

Осиромашувањето на говорниот македонски јазик, според професорката Велева, започнало со нечитањето и непримањето информации. Таа смета дека веќе не се презентираат убавините на јазикот.

„Ако сега младите генерации седат на телевизор, пред компјутер, ние некако задоцнивме со презентирањето на убавините. Потребен е поинаков пристап, зошто да нема едукативни игри, интернет или компјутерски игри – да се направи спој на традиционалното и модерното. На пример акциона игра за Крали Марко кој освојува некакви премии кога ги решава гатанките или надополнува пословиците. Тоа се тие приспособувања кон современието.“ – децидна е Велевска.

Јазична епопеја долга неколку томови

Од 2013 па сè до 2015, последователно по томови беше објавен шестомниот Толковен речник, изработен од страна на Институтот за македонски јазикКрсте Мисирков“. Основан во 1953 година, овој Институт е една од институциите одговорни за одржувањето, збогатувањето и промовирањето на македонскиот јазик.

Во статија на „Дојче Веле“ (2015), по повод објавувањето на последниот том од толковниот речник, цитирана е научната советничка во Институтот за македонски јазик, Снежана Веновска – Антевска, која потенцира дека „Македонија повеќе нема да биде единствена држава во Европа која нема толковен речник“. Научната советничка во Институтот, Снежана Велковска, пак, изјавила дека Толковниот речник е многу значаен бидејќи со него е „фиксирана лексиката на македонскиот јазик на почетокот на 21-виот век, која што се зборува од просечен македонски говорител во овој момент“.

“Толковникот има околу сто илјади зборови и тој е речник од среден обем. Имаме три милиони ливчиња во нашата картотека, што значи дека се тоа 3 милиони употреби на сите прибележани зборови со нивните значења. Во картотеката имаме можеби и трипати повеќе зборови од Толковниот речник, односно, 300 илјади зборови. Во следниот период ни претстои работа да се забележат и сите оние други зборови, кои не се наоѓаат во нашите картотеки од најразлични причини, а се употребуваат во нашиот јазик. Една од следните задачи во Институтот е да се направи ‘Електронски корпус на македонскиот јазик‘ и тогаш ќе може многу поточно да се определи колку зборови има македонскиот јазик“ – рекла Велковска пред четири години.

Додека ‘Електронскиот корпус’ останува само на ветување, единствена дигитална алатка за македонски зборови, која моментално им стои на располагање на граѓаните, е дигиталниот речник на македонски јазик – makedonski.info (ДР). Него го користат стотина илјади граѓани секој месец.

Извор: @ViksaaSkool

При составувањето на ДР користени се: „Речник на македонскиот јазик“ од Блаже Конески, „Толковен речник на македонскиот јазик од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Правописен речник на македонскиот литературен јазик од Кирил Конески и „Граматика на македонскиот јазик“ од Блаже Конески.

Освен што функционира дигитално, овој речник има поставено критериуми за збогатување на својот зборовен фонд. Секој предлог за нов збор мора да исполни еден од трите критериуми. Зборот да го има во Речникот на македонски јазик, во Толковниот речник, или да постојат конкретни примери од македонската литература или македонскиот печат каде се употребува зборот.

„Непознати зборови се внесуваат во „листа на кандидати“ и се вреднуваат според тоа во колку различни книги, од различни автори, и колку често се наведени. Ако тие „кандидати“ се во согласност со зборообразувачките правила на македонскиот јазик, тогаш се преземаат во зборовниот фонд на ДР.  Друг извор на зборови е преку следење на медиумите и дискусиите во Фејсбук-групите „Пуздер правам… од македонскиот јазик“ и „Прифатилиште за преведувачи и толкувачи“. Често добиваме и предлози од корисниците кои се разгледуваат и се поставуваат во листата на „кандидати“, вели основачот на дигиталниот речник, Шинаси Деребеј.

Новите зборови, посочува тој, ги создаваат писателите, преведувачите, новинарите, јавните личности и научниците. Штом ќе бидат прифатени тие се појавуваат во медиумите, па преку нив стигнуваат и во дигиталниот речник.

Тој вели дека еден од изворите за нови зборови е корпусот на дигиталниот речник кој моментално се состои од околу 200 дигитализирани книги, меѓу нив и дела од „130 тома од македонска книжевност“.

Составена индивидуално, оваа дигитална алатка, која секојдневно се користи, не е поддржана од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, но во импресумот на дигиталниот речник се наведува дека тој им стои за бесплатно располагање на сите што сакаат да го користат македонскиот јазик, па и на Институтот „Крсте Мисирков“ и авторите на Толковниот речник на македонскиот јазик.

„Институциите, освен МАНУ, целосно нè игнорираат така што од таа страна нема предлози за нови зборови. ДР се користи од околу 100.000 будни корисници месечно и тие ни посочуваат на грешки и недостатоци. Последниот нов внесен збор е „перцентил“. Тој се користи во свидетелствата за државна матура во контекст на „перцентилен ранг“. Тоа значи дека ДР не создава нови зборови туку го следи јазикот преку литературата и медиумите и штом некој збор ќе се појави и се користи, влегува во „листата на кандидати“ од каде, ако се исполнети морфолошките услови, се преземаат во зборовниот фонд на ДР“ – образложува Деребеј.

Институциите освен што го игнорираат дигиталниот речник, ги игнорираа и нашите прашања.  МАНУ не пренасочи кон Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ , но одговорните лица после една недела не ги дадоа првично ветените одговори.

Ивана Смилевска