„Не фрлај, рециклирај и донирај“ – предновогодишен базар

„Вет свет“ на 14 и 15 декември организира предновогодишен базар со име „Не фрлај, рециклирај и донирај“.

„Поттикнати од идејата за намалување на консуматорството во нашето мало општество, за рециклирање и донирање, оваа година ние од тимот на ветеринарната амбуланта ‘Вет свет’ решивме да направиме дводневен предновогодишен базар. Дотогаш ве очекуваме во нашата амбуланта да донирате најразлични предмети, книги и облека. Работите што ќе ги донирате треба да се во добра состојба, да може да се продадат за симболична цена и да бидат совршен подарок за некого“, велат од „Вет свет“.

Од таму потенцираат дека донираните предмети ќе ја имаат цената што граѓаните ќе ја предложат. Сите средства што ќе бидат собрани ќе бидат искористени единствено за стерилизација на бездомни женски мачиња и кучиња.

„На денот на базарот ќе можете да дојдете и да разгледате, да си купите нешто за вас или вашите најблиски. Да се запознаете со тимот на ‘Вет свет’ во топла зимска атмосфера, да се запознаете со други кучкари и мачкари, а ќе може да слушнете и нешто повеќе за погодностите од стерилизацијата/кастрацијата“, соопштуваат од „Вет свет“.