Премиерот Заев: Младите ќе ги задржиме и ќе ги вратиме со поволни социјални и економски услови, за нив се евроатлантските интеграции

„Единствено социјалните стандарди на граѓаните даваат успех. Таму каде што има социјална благосостојба каде севкупниот амбиент е навистина добар, тоа е она што ги прави задоволни сите граѓани. Имаме прираст од 637 повеќе новородени отколку починати. Ваквите споредби ги правам заради драматургијата со која ги кажувате податоците“, одговори премиерот Заев на пратеничко прашање осврнувајќи се на трендот на новородени во последните осум години.

Како што стои во владиното соопштение испратено до медиумите, премиерот Заев додаде дека политиките што сега се спроведуваат, растот на платите, новоотворените работни места, младинскиот додаток ќе донесат промени и на овој план.

„Јас сум сигурен дека доаѓа такво време. Единствениот исправен начин на којшто можеме да се надеваме дека овие бројки кои што носат горчина ќе ги поправиме, се патот на интеграциите. Затоа рековме, или колективно ќе одиме во Европа или ќе продолжат индивидуално да ни заминуваат во Европа. Затоа треба да продолжиме со одговорни политики кои што ќе ги мотивираат младите да останат. И следното е да почнат да се враќаат“, рече премиерот Заев давајќи примери од други земји, членки на ЕУ, како Латвија, земјите на Вишеградската група, каде младите почнале да се враќаат по повеќе од десетици години кога се создале поволни економски и социјални услови.

„На крајот на денот и Договорот со Бугарија и Грција и НАТО и ЕУ и едно општество за сите, е за тоа. За младите, за децата, за идните генерации“ , рече премиерот Заев посочувајќи дека за тоа дека сме на правиот пат во градењето на праведна држава добиваме потврда од сите пријателски земји.