Влада: Изречени глоби и забрани за загадувањето

Изречени се повеќе глоби и забрани за утврдени инциденти и активности кои значително влијаеле на загадувањето на воздухот и животната средина во повеќе општини минатата недела, соопштуваат од Влада.

Според Владата, овие мерки се во рамки на активното спроведување на мерките за намалување на аерозагадувањето предвидени во Програмата и Планот за чист воздух донесени од Владата, а се спроведени од комбинираните тимови од седум владини советници, кои во координација со сите инспекторати во државата вклучувајќи го и Министерството за внатрешни работи, преземале активности за спречување на загадувањето на воздухот.

„Инспекторатот на Град Скопје по реакција на граѓани, излегува на терен заедно со акредитирана лабораторија, спроведува вонреден инспекциски надзор и мерење на граничните вредности од стационарниот емитер. Беа извршени вонредни инспекциски надзори во правни субјекти, обиколки на површини и диви депонии, како и контрола на начинот на кој се загреваат субјектите во повеќе општини низ земјата“, се вели во соопштението.

Во општина Велес, соопштуваат од Влада, при надзор се изречени неколку мерки, меѓу кои спогодување за плаќање глоба во износ од 50.000 евра на прехранбената индустрија „Благој Ѓорев“ АД Велес, која на сметка на Буџетот треба да плати во рок од 15 дена за пожарот во Б-инсталацијата, која предизвика влијаеше врз средината и воздухот.

„Изречена е забрана за употреба на опрема за дробење во еден правен субјект – Б инсталација за сепарирање на песок, решение за отстранување на недостатоци кај автомеханичарска работилница, решение за постапување со отпад од вршење на дејност во работилница, како и одземање на железнички прагови и нивни делови пронајдени кај физичко лице кои биле користени за греење“, велат од Влада.

Во дел од општините, дополнуваат, биле издадени известувања до правните субјекти да се придржуваат до Елаборати за заштита на животната средина, иако не биле констатирани видливи траги на загадување на воздухот. Тврдат и дека биле изречени усни опомени на отпад, како и опомени за отстранување на хаварисани, нерегистрирани возила.

„Контролирани беа сите места во градот кои се потенцијални извори на загадување, како земјоделски земјишта каде се палат стрништа, угостителски објекти каде се појавил чад, како и обиколка и контрола на фабрики по поднесена пријава дека е забележан чад или непознат мирис“, велат од Влада.

Во дел од општините, како во општина Конче, на огласните табли биле поставени соопштенија за забрането палење на стрништа, депонии и друг вид отпад.

Понатаму, потенцираат дека преку граѓаните преку социјалната мрежа Фејсбук може да пријавуваат секакво вид загадување до Инспекторатот за Град Скопје, со испраќање на фотографии и податоци за локацијата на загадувачите, со цел побрза реакција на инспекторите.

„Во наредниот период надлежните ќе продолжат со вршење на вонредни инспекциски надзори во правни субјекти кои поседуваат Елаборат за заштита на животна средина секаде каде што има појава на емисии во амбиенталниот воздух, ќе контролираат површини каде постојат депонии и стрништа и редовно ќе известуваат за преземените интервентни акции“, велат од Влада.

Инаку, алармантните состојби со загадувањето и климатските промени за утре поттикнаа нов протест кој ќе се одржува под мотото #ЗеленаРеволуција. Протестот почнува од 17 часот кај Министерството за животна средина, а потоа „Маршот за чист воздух“ ќе се движи до Собрание и на крај Влада. Во протестот се вклучени над 20 еко-организации и иницијативи од земјава, кои бараат различни мерки за загадувањето од индустријата, домаќинствата, сообраќајот, отпадот, депониите…