Српски НИН излезе од печат без насловна фотографија

Српскиот политички неделник НИН утрово беше објавен без насловна фотографија, на која требаше да се најде претседателот на Србија, Александар Вучиќ како стои пред оружје кое изгледа како да е вперено во него по повод сторијата „Афера оружје: Кој го руши Крушик“.

Причина за повлекување на фотографијата бил ставот на сопственикот на неделникот, „Рингиер Аксел Спрингер“, кои сметале дека изборот на насловна фотографија, која ден претходно беше објавена на социјалните мрежи, не бил примерен, особено за земја во која е убиен премиер.

Од неделникот соопштиле дека иако насловната страница е променета, содржината на статијата е непроменета.

Главниот уредник на НИН, Милан Ќулибрк, изјавил дека неделникот во текот на денот ќе се појави низ српските киосци со променета насловна страница.

По објавувањето на контроверзната насловна фотографија имаше голем број реакции на социјалните мрежи и преку дел од медиумите кои го обвинија неделникот дека преку фотографијата испраќаат закана до српскиот претседател.

Од НИН претходно соопштија дека фотографијата претходно веќе била објавена од новинската агенција Танјуг, дека немале никаква намера да се закануваат на претседателот како што ги обвинуваат, но и дека нема да престанат да известуваат за аферата со продажба на оружје во која е вмешан таткото на српскиот министер за полиција, Небојша Стефановиќ.