Рускиот претседател Владимир Путин поддржува создавање на онлајн „руска енциклопедија“ која ќе има „доверливи информации“ за да се замени Википедија.
Путин овој коментар го дал на состанок со Рускиот јазичен совет во вторникот.
„Подобро е да се замени со голема руска нова енциклопедија во електронска форма… на која ќе бидат достапни доверливи информации во модерна форма“, рекол Путин, како што пренесува Риа Новости.
Според нацрт-законот изработен во септември, руското министерство за дигитален развој, телекомуникации и масовни медиуми, веќе ја објавиле идејата за онлајн руска енциклопедија која би чинела 24 милиони евра.
Изјавата на Путин доаѓа само една недела по стапувањето во сила на Законот за интернет суверенитет, со кој се дозволува на властите да ги дисконектираат интернет корисниците од Русија од глобалната светска мрежа.
Законот беше силно критикуван од Репортери без граници, кои сметаат дека со ова се кршат човековите права, вклучително и слободата на изразувањето и слободата на медиумите.
Русија се наоѓа на 149-то место од 180 земји во светот според последниот Индекс на слобода на говорот на Репортери без граница.